Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше на свеченото отворање на првата фотоволтаична централа на средното училиште на Град Скопје „Михајло Пупин“, коешто го прославуваше и својот патронен празник.
– Денеска СУГС „Михајло Пупин“ го слави својот патронен празник, но на мое огромно задоволство една од причините за моето присуство е и инсталирањето на првата фотоволтаична централа во училиште во Република Северна Македонија. Овој проект е доказ дека соработката на институциите на секое ниво може да вроди со сериозен квалитет и иновативност, идејата на учениците поддржана од Фондот за иновации и од директорот на средното училиште, како и од Градот Скопје, ни го даваат овој уникатен пример. Ова средно училиште, иако со мала моќност од 12 KW и 42 панели, сепак може да биде пионер и да воведе една мини револуција во пристапот и кон животната средина, меѓутоа и во пристапот кон енергетската ефикасност – рече Шилегов.
Тој додаде дека со инсталирањето на оваа централа учениците во пракса ќе можат да видат како функционираат фотоволтаичните централи и дека се надева во текот на наредната година Градот заедно со училиштето ќе соберат финансии целиот покрив да го направат еден фотоволтаичен панел.
– Горд сум на учениците на ова училиште коишто ја дадоа оваа иницијатива и еве денеска и јавноста може да види како функционира нејзината реализација. Градот води со вакви иновативни работи и јас мислам дека ова училиште може да биде пример за тоа како треба да се однесуваат и преостанатите институции и од локално и од централно ниво – нагласи Шилегов.
Исто така, тој додаде дека електричната енергија од обновливите извори треба да биде стратешка определба на нашата држава и посочи дека ова училиште треба да биде пример и за другите училишта и јавни институции на сите нивоа во земјата.
– Ова е позитивен пример дека со малку пари може да се придонесе и во заштита на животната средина , меѓутоа и во подобрување на економските перформанси на самата институција, во конкретниот случај заштедите коишто ги правиме за електрична енергија во ова училиште. Тука не застануваме, ова е само прв ваков проект којшто го поддржува Градот во средните училишта, јас очекувам дека во периодот којшто претстои ваков тип на соработки со централната власт, Градот и училиштата ќе реализираме на повеќе места во нашиот град – изјави Шилегов.
За реализација на овој проект учениците од „Михајло Пупин“ добија грант од Фондот за иновации во висина од 270.000 денари, а преостанатите средства до 600.000 денари, колку што чини централата, се од буџетот на училиштето.