24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бајрактар на Детска недела: Се обврзавме до 2021 да го зголемиме за 50% опфатот на деца од предучилишна возраст во установите

Заменикот министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар присуствуваше на првата меѓуопштинска детска олимпијада „Нека победи највеселиот”, по повод Детската недела, а во организација на Општина Бутел и детската градинка „11 Октомври”.

Пред почетокот на Олимпијадата заменикот министер Бајрактар во своето кратко обраќање истакна дека инвестирањето во раниот детски развој е еден од високите приоритети на Владата на Република Северна Македонија. „Во таа насока, Министерството за труд и социјална политика изминатите две години интезивно работеше на реформата во делот на заштита на децата, работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој, а овој темелен процес продолжува и во наредните години”, потенцираше Бајрактар.

Тргнувајќи од начелото дека децата имаат право на квалитетно предучилишно згрижување, воспитување и образование, Владата на Република Северна Македонија се обврза до 2021 да го зголеми за 50% опфатот на деца од предучилишна возраст во установите за згрижување и воспитание. За таа цел, Министерството за труд и социјална политика во соработка со општините работи на проширување на капацитетите за заштита и воспитание на децата.

„Сите деца имаат еднакви права и на сите треба да им се даде неопходната поддршка и овозможат еднакви можности. Одговорноста за децата е на целата заедница, на сите нас. Светот останува на децата и претставува предизвик да ги научиме да ги спознаат вистинските вредности во животот и да им дадеме сила да истраат и да успеат во овој свет”, рече заменикот министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.

Тој потсети дека секоја година почетокот на месец октомври се посветува на децата во рамките на кој се одбележува Детската недела, годинава под мотото „Детски права за наше детство!“.

Средствата, што по разни основи ќе бидат собрани во рамките на Детската недела, ќе бидат наменети за заштита на најранливите групи на деца во земјава. Во периодот на Детската недела се обезбедува поддршка од сите општествени фактори во насока на подобрување на статусот на децата на еден симболичен начин со тоа што голем број институции ќе одвојуваат симболичен дел од своите средства кои се собираат врз основа на продадени карти за спортски настани, кина, театри и сл.