Во рамките на официјалната посета на земјава, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, се сретна со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Претседателот Џафери истакна дека во билатерален контекст, наш нагласен интерес е интензивирање на политичко-безбедносната соработка во НАТО-контекстот и пренесувањето на искуствата на Црна Гора на овој план. Претстојат уште 6 ратификации на Пристапниот протокол за кои очекувањата се дека ќе завршат до крајот на годината, а во фаза на очекување сме Советот на Европската Унија на претстојниот Самит да додели датум за почеток на преговорите со Унијата. Во соседската и регионалната сфера, претседателот Џафери истакна дека Република Северна Македонија води балансирана и конструктивна добрососедска политика со сите соседи, а како пример за тоа се потпишаните договори со Република Грција и Република Бугарија, со кои се отвори ново поглавје во меѓусебните односи, но и на планот на евроинтеграциските процеси. Изрази голема благодарност за континуираната поддршка на Црна Гора на овој план, и верба дека таа поддршка ќе продолжи и како рамноправни НАТО-сојузници и земји членки на ЕУ“, соопштија од собраниската прес-служба.
Во контекст на економската соработка, двајцата соговорници истакнале дека двете влади треба поинтензивно и пофокусирано да работат на нејзината динамика и содржина, бидејќи тоа е придобивка за граѓаните на двете држави.
Ѓукановиќ ја поздравил храброста и политичката смелост да се постигне преспанскиот договор, свесен за големата жртва што ја направи Република Северна Македонија, но со единствена визија за натамошен просперитет на државата и нејзините граѓани.