6. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Османи: Европа нема да дозволи колапс на процесот на проширување во октомври

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес учествуваше на Самитот на „Економист” на тема „Зајакнување на моментумот за европска интеграција” во Скопје.

„Не само што се надевам, туку и очекувам позитивна одлука за Република Северна Македонија на самитот на ЕУ во октомври,“ истакна Вицепремиерот Османи, посочувајќи на значењето на позитивниот исход од октомврискиот самит на ЕУ, за земјата, за регионот, но и за целиот континент. „Доколку ЕУ не одговори позитивно на напредокот на Северна Македонија, ќе го поткопа сопствениот кредибилитет, ќе ја загрози европската перспектива на регионот, а со тоа и самиот процес на проширување, онаков каков што го знаеме,“ истакна Османи.

Во продолжение, Османи се осврна и на актуелностите во земјата и регионот поврзани со проширувањето на Европската унија, во контекст на очекуваните резултати и одлуки од претстојниот Европски самит во октомври. Притоа, тој го потенцираше успехот на Северна Македонија во затворањето на поголемите прашања со соседите, како и спроведените европски реформи, со што стана лидер во ширењето на европската идеа на Балканот.

Вицепремиерот Османи се обрати на панелот „Перспективата на ЕУ“, заедно со Гај Верхофштат, поранешен Премиер на Белгија и актуелен Европратеник и Димитриос Пападимулис, потпретседател на Европскиот парламент. На самитот на „Економист“ меѓу гостите и панелистите беа и премиерот Зоран Заев, поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, поранешните премиери на Грција и на Белгија Алексис Ципрас и Гај Верхофштат, Мартин Шулц поранешен претседател на Европскиот Парламент, како и други познати сегашни и поранешни политичари и функционери од Европа и САД, а земаа учество над 400 учесници, меѓу кои странски бизнисмени, политичари и менаџери на компании важни за регионалната амбиција за евроатлантски интеграции, како и новинари.