На 23 септември 2019 година, светските лидери, ја усвоија Политичката декларација на високо ниво на Обединетите Нации за Универзална здравствена заштита до 2030 година. Р. С. Македонија е земја потписник на декларацијата. Според декларацијата Универзалната здравствена заштита подразбира дека сите имаат пристап до здравствена заштита од која имаат потреба, во време кога имаат потреба и каде што им е потребна, без да се соочат со финансиски потешкотии.
Преку усвојувањето на Декларацијата, земјите членки на Обединетите нации се обврзаа да ја унапредат универзалната здравствена заштита преку инвестирање во четири главни области поврзани со примарната здравствена заштита. Тука се вклучени механизми за да се осигура дека ниту едно лице нема да се соочи со финансиски потешкотии поради тоа што ќе мора да плати за здравствена заштита од сопствениот џеб, да се имплементираат здравствени интервенции кои ќе го опфатат поголемиот дел од населението со цел навремено справување со заболувањата, како и за заштита на здравјето на жените и децата.
Владата со цел да ги постигне заложбите потпишани со декларацијата потребно е да адресира повеќе клучни прашања:
– Да го намали износот на приватните плаќања за здравствена заштита. Во Р. С. Македонија повеќе од 35% од вкупните трошоците за здравствена заштита се плаќаат од џебот на граѓаните. Според стандардите на Светската здравствена организација доколку во една држава повеќе од 15% од трошоците се плаќаат од џебот на граѓаните, тоа претставува ризик за осиромашување на населението како резултат на користење на здравствена заштита.
– Да обезбеди соодветен опфат со гинеколошка здравствена заштита на примарно ниво за жените на целата територија во Р. С. Македонија. Во 45 општини нема матичен гинеколог, додека во 29 општини нема доволен број на матични гинеколози. Поради тоа 60% од девојките и жените на возраст над 12 години немаат избрано матичен гинеколог.
– Да го зголеми опфатот на населението со Програмите за скрининг (рано откривање) на карциномите, особено за ракот на грлото на матката и за ракот на дојката. За период од шест години со Програмата за скрининг на рак на грло на матка опфатени се само 28% од жените на возраст од 24 до 60 години. Во развиените европски држави опфатот е над 75%, додека стручната литература укажува дека доколку со овој скрининг на ниво на држава се опфаќаат помалку од 35% од жените, скринингот не ја исполнува својата цел.
– Да го зголеми опфатот со патронажни посети, особено на жените за време на бременоста и во периодот по породувањето. Постои нееднаква дистрибуција на патронажни сестри според географски региони. Најлоша е состојбата во Скопје, Валандово и Пробиштип, каде соодносот на жени во репродуктивен период на една патронажна сестра е и до 5 пати повисок од оној во градовите во кои има соодветен број на патронажни сестри (Македонски Брод, Берово, Демир Хисар).
– За да ги постигне заложбите преземени со Декларацијата, Владата мора да ги зголеми финансиските средства кои државата ги алоцира и троши за обезбедување на здравствената заштита. Во Македонија јавните трошоци за здравство изнесуваат 55% од вкупните здравствени трошоци, додека во земјите на ЕУ јавните трошоци за здравство изнесуваат околу 80%, а во земјите на регионот околу 70%.