Денес, на 26 септември (четврток) 2019 г. во Галеријата КО-РА се одржа еднодневна обука на инспектори за животна средина во Скопје, во организација на Зелениот институт. Предавач беше професорката по еколошки криминал, д-р Марина Малиш Саздовска, а за практичните проблеми во координацијата на терен, говореше раководителот на градскиот инспекторат во Скопје, Мирослав Богдановски.
Обуката на инспекторите за животна средина од сите скопски општини, заедно со оние од Градот Скопје, има за цел покоординирано и поефикасно работење. За помош на инспекторите, ќе се формира и мрежа од граѓански активисти со мобилни апликации за известување.
Обуката е дел од проектот „Платформа за координација и граѓанско учество во инспекциски надзор врз загадувачите на воздухот“, кој се спроведува во Градот Скопје и скопските општини, а е поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање. Целта на проектот е да придонесе за намалување на аерозагадувањето преку подигање на капацитетите и координацијата на инспекторите за животна средина во Скопје и вклучување на граѓаните во инспекцијата на изворите на аерозагадувањето од индустријата.