Стариот градски пазар во Ресен ќе добие сосема нов лик. Целосната реконструкција предвидува проширување и обновување на кровната конструкција, декоративно санирање на тезгите, како и изведба на индустриски под.
Проектот го спроведува Министерство за локална самоуправа во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој.
„Реконструкцијата на пазарот е само дел од активностите за подобрување на конкурентноста на Пелагонискиот Плански Регион. Сакаме да дадеме придонес кон одржливиот развој. Овој проект е од особена важност за жителите на населените места кои гравитираат околу Ресен бидејќи продажбата на земјоделски производи претставува сериозен извор на приходи за нив“, изјави Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
Тој додаде дека проектот треба да поттикне зголемување на трговијата, а воедно и на производството на земјоделски производи на регионално и национално ниво.
„Општина Ресен и Преспа ќе добијат модерен пазар што ќе ги задоволува потребите на жителите на оваа општина според сите норми и стандарди, а во исто време преспанските пазарџии ќе добијат подобри услови за продажба на своите производи. Реконструкцијата на пазарот е од големо регионално значење бидејќи на овој простор ќе се продаваат стоки од Пелагонискиот Регион, а исто така треба да се напомене и близината на соседните држави Грција и Албанија и важноста за развојот на трговијата“, потенцира Живко Гошаревски, градоначалник на општина Ресен.
Реконструкцијата на пазарот ќе чини над 3.5 милиони денари, над 95% од средствата се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, а остатокот е од буџетот на Општина Ресен.
„По реконструкцијата на регионалните зелени пазари во Битола, Прилеп и Демир Хисар, годинава работиме на реконструкција на пазарот во Ресен. Инвестицијата опфаќа реконструкција и проширување на кровната конструкција и препокривање на делот со тезгите за продажба на овошје и зеленчук со челична конструкција, декоративно санирање на бетонски тезги, како и изведба на индустриски под“, изјави Гого Видимче, директор на Центар за развој на Пелагонискиот Планински Регион.