23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СУБВЕНЦИИБИЗНИСИЗБОР

Државата дели пари за купување на печки на пелети – еве како да добиете финансиска поддршка

Министерството за економија денеска го објави Јавниот повик за надомест на дел од трошоците за купување на печки на пелети, со кои домаќинствата ќе ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут.

Како што информираше на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши, со цел да се стимулираат домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за економија ја донесе Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година.

Со оваа Програма, се предвидува на жителите кои ќе купат печки на пелети со кои ќе се заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут, да им се овозможи надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети до 50%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2019 година. Во Буџетот на Министерство за економија за 2019 година за реализација на оваа мерка се предвидени вкупно 30.000.000 денари.

Оваа година за прв пат се воведува новина во доделувањето на субвенциите каде што половина од предвидените средства ќе бидат наменети за ранливите категории на граѓани.

„Во септември беа направени измени на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност со што за прв пат по однос на оваа мерка се дава можност на лицата со ниски примања, да можат да остварат право на надомест на дел од трошоците за купени печки на пелети пелети до 50%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2019 година. За оваа категорија на баратели во Буџетот се обезбедени 15.000.000 денари, а како главен услов за остварување на надомест е лицата со ниски примања да се вработени или едниот брачен другар да е вработен и нивните месечни примања во семејството да не го надминуваат нето приходот од 30.000 денари“ информираше Бектеши.

Право на учество во оваа категорија како што кажа министерот Бектеши имаат лицата кои ќе купат печки на пелети по денот на објавување на јавниот оглас. Додека пак согласно Програмата, право на учество освен ранливите потрошувачи имаат и сите оние лица кои купиле печки на пелети во периодот од 1 јануари 2019 година до денот на завршување на јавниот оглас и за оваа категорија на баратели, исто така во Буџетот се обезбедени 15.000.000 денари.

„Доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен’’ и по искористувањето на средствата за оваа намена ќе бидат изготвени решенија за исплата на надоместокот, информираше Бектеши.

Во 2018 година за прв пат беше воведена оваа мерка. Истата година беа објавени два Јавни огласи за надомест на дел од трошоците за купени печки на пелети во домаќинствата. Буџетските средства за оваа намена во 2018 година за двата огласи беа во вкупен износ од 21.000.000 денари. Вкупно поднесени апликации беа 2.158, а субвенционирани беа 642 домаќинства

Спонзорирано: