Претседателот на Собранието, Талат Џафери, придружуван од пратеникот Енес Ибрахим, денеска и утре престојува во официјална посета на Република Казахстан, на покана од Нурлан Нигматулин, претседател на Мажилисот (Долниот дом) на Парламентот на Република Казахстан.
На средбата со домаќинот Нигматулин присуствуваа и претседателот на Комисијата за меѓународни односи, одбрана и безбедност на Мажилисот Мухрар Ерман, претседателот на Групата за меѓупарламентарна соработка „Казахстан – Северна Македонија“ Дархан Минбај, претставници на трите политички партии застапени во Межилисот: Бахиджан Јертаев од Народната демократска партија „Нур Отан“, Азат Перуашев од Демократската партија на Казахстан „Ак Жол“ и Ајкан Конуров од „Народни комунисти“, како и заменик-министерот за надворешни работи на Казахстан Роман, Василенко.
Претседателот на Мажилисот изрази задоволство од реализирањето на првата официјална посета на претседател на Собранието на Република Северна Македонија на Република Казахстан, и оцени дека меѓу двете земји е воспоставена добра билатерална соработка, со бројни можности за натамошно проширување и продлабочување. Нагласувајќи дека Северна Македонија е значаен партнер на Казахстан, Нигматулин се заложи за унапредување на економските односи преку нови форми на соработка, со цел зголемување на меѓусебната трговска размена. Тој ги повика претприемачите и инвеститорите од Северна Македонија да се вклучат на пазарот на Казахстан, со оглед на погодностите што ги нуди истиот, пред сè во високата технологија и преработувачката индустрија за земјоделски производи. Истовремено, тој даде поддршка на реформските процеси во Република Северна Македонија.
Претседателот Нигматулин информираше за активностите на тековниот, шести по ред парламентарен состав на Мажилисот, при што истакна дека Парламентот на Казахстан ги засилува своите меѓународни позиции, за што е доказ и Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на земјите од Евроазија на тема: „Голема Евроазија: Дијалог. Доверба. Партнерство“, што се одржа на 23 и 24 септември 2019 година во Нур-Султан.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, упати честитки за успешната организација на Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на земјите од Евроазија, истакнувајќи дека тој посветува големо внимание на парламентарната дипломатија, како средство за продлабочување на парламентарниот дијалог и интензивирање на контактите меѓу парламентарците од различни земји.
Џафери нагласи дека, ставовите на Северна Македонија и Казахстан во врска со клучните прашања на меѓународната агенда се многу блиски, а нашата земја ги поддржува иницијативите на Казахстан во меѓународните организации, особено во рамките на ОН и ОБСЕ. Трите билатерални договори во областа на оданочувањето, заштитата од фискална евазија и поттикнувањето на инвестициите, според Џафери се основа за економската соработка меѓу двете земји, која би требало и понатаму да се продлабочува, а технолошко-индустриските зони во Северна Македонија би можеле да се позиционираат како мост за економска соработка на Казахстан со пазарите на Југоисточна Европа и пошироко. Од големо значење за меѓусебната соработка се и трите договори од правната сфера, што беа потпишани во август годинава.
Претседателот Џафери информираше за активностите на Собранието, нагласувајќи дека во Собранието активно учество имаат сите политички сили, преку интензивен и транспарентен политички дијалог. Исто така, Собранието активно учествува на парламентарните регионални и меѓународни настани. Тој се заложи и за забрзување на активностите за укинување на визите за граѓаните од двете земји, со цел унапредување на меѓусебните контакти, економската соработка и туризмот.