8.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бектеши: Даваме силна поддршка на стопанството во зајакнување на постоечките и остварување на нови врски со странските пазари

Mинистерот зе економија, Крешник Бектеши, се обрати на третиот Саем за лесна индустрија – Macedonia Manufacturing Expo 2019 во организација на Асоцијацијата на метална и електроиндустрија (МАМЕИ), делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, но со поддршка и на Американската агенција за меѓународен развој УСАИД и холандската амбасада. Пред присутните на саемот се обрати и претседателот на МАМЕИ, Марта Наумовска-Грнарова. Министерот истакна дека една од главните цели на Министерството за економија е да го поддржи македонското стопанството во зајакнување на постоечките и остварување нови врски со странските пазари, но и креирање и имплементација на политики кои имаат за цел развој на економијата и конкурентноста на фирмите како главни актери на пазарот.

„Преку мерките за имплементација на индустриската стратегија и стратегијата за мали и средни претпрпријатија Министерство за економија е силен поддржувач на развојот на кластерите во Република Северна Македонија кои се од непроценливо значење за регионалниот развој, економскиот раст, иновациите и интернационализацијата, поттикнувајќи ја на тој начин соработката меѓу фирмите“, истакна министерот Бектеши, притоа додавајќи дека важноста на индустрискиот сектор е причината што Република Северна Македонија во 2018 година ја усвои индустриската стратегија, која се фокусира на преработувачката индустрија, бидејќи таа е од клучно значење за зголемување на растот, продуктивноста, висококвалитетните работни места, иновациите, извозот, циркуларната економија итн.

Бектеши изрази задоволство поради искажаниот интерес на голем број претставници на компании од регионот и земјите од Европската Унија, бидејќи зајакнувањето на пазарните врски со земјите од регионот и земјите од ЕУ е особено важна стратешка определба која ќе доведе чекор поблиску на патот кон евро-атлантските интеграции.

„Присуството на овој настан е показател дека металната и електроиндустријата во Северна Македонија има што да им понуди на извозните пазари. За првпат годинава на саемот присуствуваат и компании добавувачи од Косово, Албанија, Србија и Црна Гора, што покажува дека компаниите од целиот регион растат во значење и атрактивност“, потенцираше министерот, додавајќи дека како релативно мали економии, клучно е на поголемите пазари да се настапува партнерски, како регион, за да се оствари поголем успех, бидејќи станува збор за пазарен систем во кој конкуренцијата е главен економски двигател на сите нивоа.

„Како асоцијација пет години вложуваме во промоција на потенцијалот на македонската лесна преработувачка индустрија. Нашата мисија е да ги поврземе домашните производители од оваа индустрија со странски компании купувачи, да им го олесниме излезот на светските пазари. Резултатот од минатогодишната конференција се потпишани договори од околу половина милион евра. Сметаме дека ова е одлична бројка, особено ако се земе впредвид дека станување добавувач на странска компанија е долгорочен процес. Минатата година беа реализирани 400 претходно закажани состаноци во еден ден, оваа година ќе ја надминеме оваа бројк , сметам дека тоа е уште една потврда колку овој настан и е потребен на македонската индустрија“, изјави Марта Наумовска-Грнарова, претседател на МАМЕИ.

На настанот учествуваат преку 100 компании производители, 33 компании купувачи и 15 директни странски инвестиции. Покрај домашните компании, ќе учествуваат и претставници на компании од Германија, Холандија, Јапонија, Грција, Словенија, Србија, Албанија и од Косово.

Спонзорирано: