6.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитров на повеќе средби на маргините на Генералното собрание на ОН

На маргините на генералната дебата на 74. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации што оваа недела се одржува во Њујорк, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се сретна со новата министерката за надворешни работи на Шведска, Aн Линде.

Во пресрет на одлуката за почнување на пристапните преговори со Република Северна Македонија, на средбата беа разменети мислења за потребата од јасен и недвосмислен одговор на нашите европски аспирации.

„Шведска е конзистентен промотор и поддржувач на процесите на суштинска демократизација во нашата земја и регионот. Позитивната одлука во октомври ќе послужи како катализатор за продлабочување и зајакнување
на процесите на трансформација и придвижување напред кон попредвидлива иднина“, рече Димитров.

Министерот Димитров им се обрати и на младите глобални лидери (Millennium Leadership Program) по покана и во организација на Атлантскиот совет, САД.

„Со договорот од Преспа и реформското портфолио демонстриравме зрелост и подготвеност за трансформација. Ние сме подготвени да го почнеме ова патување. Сакаме да ги искористиме алатките на ЕУ да станеме подобри. Во отсуство на позитивна одлука, европската иднина на регионот, опкружен со земји членки на ЕУ, ќе биде доведена во прашање. Не смееме да ја испуштиме оваа заедничка можност за успех“, нагласи Димитров.

Групата учесници во оваа програма на Атлантскиот совет ја сочинуваат 20-ина млади лидери од политиката, економијата, културата и академијата од целиот свет.

Програмата на Димитров продолжува со обраќања на настан во организација на Светскиот економски форум.

Спонзорирано: