Претседателот на Владата, Мицкоски, на седницата за пратенички прашања говореше за економските показатели и бројки, споредени со резултатите во минатото, како и споредени со актуелните резултати на другите држави од регионот.
„Бројките на оваа Влада се следни. Кога зборуваме за раст на бруто-домашниот производ, бидејќи тоа е мерило за тоа да видите дали сте на правилна патека или нешто правите погрешно. Кога тоа ќе го анализирате, ќе дојдете до заклучок дека реално бруто-домашниот производ расте со 3,8% и во 2024, и во 2025 година, а во вториот квартал од 2026 година 4,3%. Номинално, во 2024 година преку 8%, во 2025 година преку 7%. И во 2026 година очекуваме да биде повторно преку 8%, но ќе видиме. Крајот на годината ќе даде одговор на оваа наша дилема“, посочи Мицкоски и дополни: „Настрана политиканството. Сега сакам да зборувам за бројки. А тоа е реална нето-плата. Какви се бројките кога станува збор за реална нето-плата? Реалната нето-плата во септември — а реална нето-плата е разликата од нето-платата од којашто се одзема инфлацијата од трошоците на живот — во септември 2026 година пораснала за 5,2%. Ист месец, 2022, завршена енергетска криза, сега сè уште трае и е посилна од тогаш кога почна, крајот на февруари и март, минус 5%. Значи, истиот месец. Слична ситуација, сега имаме раст од 5,2%, а тогаш имаме пад од 5%. Таа е разликата кога се мери една со друга влада.“
Мицкоски во продолжение направи споредба на растот на просечната плата, растот на пензиите и висината на инфлацијата во 2026 година во однос на првата половина на 2024 година и претходно.
„Раст на просечната плата: во мај 2024 година 41.252, во септември 2026 година 49.141 денари. Раст за 28 месеци, 20%. Дури и синдикалната, според нив, минимална кошничка — а не е минимална, туку просечна — за истиот период пораснала за 16%. Значи, растот на платата е поголем. Просечна пензија: во мај 2024 година 21.209, во септември 2026 година 28.935 денари. Тоа е 36,5% раст на просечната пензија. Понатаму, инфлација: во септември — Македонија 2,7%, Албанија 2,9%, Словенија 3,3%, Србија 4,1%, Хрватска 4,7%, Црна Гора 4,9%, Грција 5,1%, Бугарија 5,6%, Косово 7,8%, Турција скоро 30%. Во септември 2022 година: Албанија 8,1%, Словенија 10,6%, Грција 12,7% и така натаму, претпоследна Македонија 18,7%, Турција најголема 83,45%. И за уште многу параметри можам да зборувам, но времето е толку. Разликата е јасна и евидентна“, заклучи Мицкоски.


