23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Нервозна прес конференција на ВМРО ДПМНЕ – Пренесувањето на предметите од СЈО во ОЈО било противзакон

Постапувањето на јавниот обвинител по наредба на лице притворено за тежок криминал и злоупотреба на службената положба е невиден преседан и е дополнителен удар врз правниот систем, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во врска со преземањето на предметите на СЈО од страна на Републичкото јавно обвинителство, а на барање на специјалната обвинителка, Катица Јанева, која е во притвор за случајот „Рекет“.

„Насилното преземање на предмети од СЈО надвор од закон, по наредба токму на истото лице кое е осомничено дека ги злоупотребувало токму тие предмети за политички притисоци и изнуда на пари ќе креира анархија. Катица Јанева го уценуваше ВМРО да ѝ даде поддршка за криминогеното работење, а за возврат нудеше прекинување на постапките, што говори и за мотивите поради кои тие се отворени“, рече тој.

Јанушев обвини дека СЈО потрошило речиси 15 милиони евра во нивното досегашно работење и дека земале од по 5.000 евра само за, како што рече тој, да отвораат предмети кои би служеле за уцена и изнуда.

„За ваков криминал мора да се одговара, а не да се бара нов незаконски начин како истиот да продолжи. Доколку сакаме правда и правна држава, ваквите злоупотреби на системот мора да престанат и да бидат санкционирани, а не само да ги сменат формата и амбалажата, а во суштина да останат исти. Јасно е дека зад овој криминален концепт стои Зоран Заев. Зоран Заев е главата на криминално-рекетарската банда што го штити и промовира криминалот“, рече Јанушев.

Тој обвини дека премиерот Зоран Заев се плаши дека ако предметите на СЈО завршат кај професионални обвинители, може да бидат разоткриени сите конструкции и местенки и некој ќе треба да одговара.

„Зошто Заев сè уште не е повикан на распит е повеќе од очигледно. Причините се исти како оние поради кои Катица Јанева цел месец по притворањето на Боки и Зоки се шеташе на слобода, се шеташе по плажите. Па дури откако случајот беше објавен во меѓународните медиуми и притисокот од меѓународната заедница стана преголем тогаш власта реши да ја притвори“, рече Јанушев и додаде дека за владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните во системот потребно е независно ЈО, кое нема да биде компромитирано како што е СЈО, со лица кои не се потенцијално вмешани во криминал.