Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, е оптимист во однос на очекувањата од Советот на ЕУ во октомври за почеток на преговорите за членство во Унијата. Ова го истакна на средбата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој се наоѓа во посета на Берлин.
На состанокот помеѓу двајцата министри беше направен пресек на постигнатото, актуелните случувања и изгледите во однос на нашите очекувања од октомврискиот совет на ЕУ. Мас ја реафирмира поддршката за Северна Македонија истакнувајќи дека е оптимист во однос на очекувањата од советот на ЕУ во октомври и дека не гледа веќе никакви пречки за Северна Македонија да ги почне преговорите за членство со ЕУ.
Министерот Димитров изрази благодарност за принципиелната и конзистентна германска поддршка и пријателство и уверување дека во октомври нема да се испушти шансата за заеднички успех. Беа разгледани билатералните односи и можностите за нивно продлабочување, особено во делот на економската соработка.
„Оваа година сум чест посетител на Берлин и денес, непосредно во пресрет на октомврискиот совет на ЕУ, дојден сум да разменам мислења со нашите германски пријатели и да нагласам уште еднаш дека Северна Македонија претставува недвосмислена можност за заслужен и заеднички успех со ЕУ во октомври. Благодарни сме за германската поддршка и уверени сме дека европската перспектива набргу ќе биде валидирана и препознаена и од сите други земји членки на ЕУ“, рече Димитров.
Тој се сретна и со државниот министер надлежен за Европа, Михаил Рот, при што соговорниците разменија мислења за конкретните реформски резултати што Северна Македонија ги постигна и поширокиот регионален и ЕУ-контекст во пресрет на октомврискиот совет. Агендата министерот ја продолжи со низа средби со германски пратеници од Бундестагот, и тоа: Јосип Јуратовиќ (СПД), Гунтер Крихбаум (ЦДУ, претседавач на Комисијата за ЕУ-прашања), Кристијан Петри (СПД), Михаил Куфер (ЦСУ), како и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Меркел.
На средбите со германските пратеници, кои дадоа јасна поддршка, стана збор за резултатите и напредокот што земјата го оствари и аргументите зошто позитивната одлука во октомври е заслужена, особено во пресрет на претстојната дебата на Бундестагот на крајот на септември.
Димитров утре продолжува со средби со пратеници од германскиот Бундестаг, советникот за надворешна политика на канцеларката Меркел, како и со претставници на германското Министерство за надворешни работи.