Лицемерните ВМРО-ДПМНЕ повторно глумат лажна загриженост за земјоделството и земјоделците. Наспроти нивната денешна лицемерност и игнорантскиот однос кој повеќе од една деценија го имаа кон земјоделците, доведувајќи ги до работ на егзистенција, денес Владата предводена од СДСМ вистински се грижи за нив, реагираат од СДСМ на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактите и бројките потврдуваат дека аграрните реформи даваат реални резултати и ги враќаат парите кај земјоделците. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати околу 66,2 милиони денари односно над 1 милион евра на 6.240 лозари, за дополнителната субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје во регистрираните винарски визби.
Со оваа исплата, се заокружува комплетната исплата на субвенции за лозарството. Пред почетокот на новата производствена сезона исплатени се 9 милиони евра на 15.208 лозари за основната субвенција за одржување на лозови насади.
Претходно, државата го исплати и долгот што винарските визби Повардарие, Стефани и другите регистрирани винарници во регистарот на МЗШВ, го имаа како долг кон лозарите за предадено грозје во 2014 и 2016 година. Се исплатија над 1 милион и 250 илјади евра на 2.048 лозари.
До сега севкупно исплатени се 306,7 милиони евра, средства кои се вратени на сметките на земјоделците, по сите програми. Дел од овие средства се искористени за исплата на заостанати долгови направени токму од власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Дека Владата предводена од СДСМ се грижи за земјоделците потврдуваат и бројните мерки како „Зелена нафта“, Млад земјоделец, Законот за земјоделско земјиште, поголемата искористеност на ИПАРД програмата, кои го унапредуваат земјоделството и го подобруваат животниот стандард на земјоделците“ се наведува во реакцијата на СДСМ.