3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Заев и Ангеловска порачаа дека ребалансот ќе овозможи пари за повисоки плати и вработувања

Премиерот Зоран Заев и новоназначената министерка за финансии, Нина Ангеловска, одржаа прес-конференција на која го образложија изгласаниот ребаланс на буџетот од страна на владата.

Со овој ребаланс се издвоени 400 милиони денари за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, 200 милиони денари за активни мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за исплата на поврат на ДДВ итн.

Министерката Ангеловска нагласи дека мерката за субвенционирање на придонесите за зголемување на платите на вработените до 6.000 денари ќе помогне на бизнисот за задржување на квалитетниот кадар и за мотивација на вработените.

Оваа мерка ќе се применува од следниот месец, а ќе трае три години, односно до октомври 2022 година.

„Лично ќе се залагам со преземање на оваа одговорна функција, Владата да понуди подобри услуги кон граѓаните, да го поддржи стопанството и бизнис-секторот и сето тоа да резултира со подобар животен стандард на граѓаните“, рече Ангеловска.

Според премиерот Заев, буџетот и со овој ребаланс продолжува да дистрибуира повеќе пари кај граѓаните.

Тој рече дека од месецов стапува во сила новото покачување од пет проценти на платите во јавната администрација.

„Предвидени се дополнителни 200 милиони денари за активни политики и мерки како поддршка за вработувањето, особено за поддршка на младите за нивното вработување во производството, но и во севкупните подмерки за самовработување пред сè младите луѓе“, нагласи премиерот.

Тој истакна дека има и поголем трансфер од буџетот во Фондот на пензиско и инвалидско осигурување (ФИОМ), односно 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб.

Спонзорирано: