19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Град Скопје ангажира 16 образовни асистенти за средношколците со посебни потреби

Градот Скопје во новата учебна година ангажира 16 образовни асистенти кои ќе работат со средношколците со посебни образовни потреби. Асистентите кои се ангажираат во рамки на проектот „Поддршка на инклузијата во образовниот процес – унапредување на правата и можностите за ранливите категории граѓани во Град Скопје“, а кој е во соработка со Агенцијата за вработување и УНДП, ќе работат по четири часа дневно со учениците и ќе им помагаат во совладување на наставната материја и подобрување на успехот.

Услугата од асистентите е бесплатна за родителите кои дадоа согласност да се вклучат во проектот. Дел од средствата се обезбедени преку програмата Општинско корисна работа, а дел се од буџетот на градот.

Месечниот надоместок за асистентите изнесува нето 9.000 денари, а за нив Градот обезбедува и бесплатен јавен превоз што ќе можат да го користат за време на ангажманот.

Ангажирањето образовни асистенти во средните училишта е продолжување на праксата од минатата година кога Град Скопје за првпат ја реализираше оваа активност. Потребата од повторно ангажирање стручен кадар кој ќе помага на средношколците за време на наставата се должи на позитивното искуство од претходната година и постигнатиот успех на учениците кои ја користеа услугата.

Во таа насока, минатата година Град Скопје за првпат додели награда за особени постигнувања и резултати во процесот на инклузијата на ученичка од четврта година во гимназијата „Никола Карев“, која користеше услуга од образовен асистент и постигна одличен успех во последната година од образованието.

Спонзорирано: