24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Од денес до сабота, меѓународен хорски фестивал „Скопје пее“

Десет хорови од земјата и странство, на неколку локации низ градот, од денеска до сабота со своите изведби ќе им се претстават на Скопје и на скопјани. Во организација на ЈУ „Универзална сала“, со поддршка на Град Скопје, фестивалот има за цел да ја доближи хорската музика до граѓаните и вљубениците во музиката, на несвојствен начин, поставувајќи ја на улиците и плоштадите во Скопје.

На првиот меѓународен хорски фестивал „Скопје пее“ (“Skopje Sings”), посетителите ќе можат да чујат извонредни хорски перформанси на класична музика, преку џез и рок-ерата, сè до современата популарна музика.

Отворањето е закажано за денес со настап на хоровите во 21:00 часот на Школка во Градски парк, утре (петок, 30.8.) дел од хоровите ќе настапуваат во 20:30 часот, како дел од Културното лето Карпош 2019 на плоштадот „Делфина“, а дел во 21:00 часот во Паркот на езерата, во склоп на Back to School Week настанот, организиран од Општина Аеродром.

„Скопје пее“ (“Skopje Sings”) ќе го комплетира своето прво издание со свеченото затворање на фестивалот, закажано за 31 август (сабота), со настап на сите хорови во Македонската филхармонија.