4. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Конечно: Македонците ќе можат да го користат PayPal во целост

Советот на Народната банка (НБ) на денешната редовна седница донесе одлука за изменување на одлуката за начинот и условите под кои резидентите што не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.

Со измените, информираат од НБ, се овозможува граѓаните и компаниите да отвораат и да имаат сметки кај сите странски електронски сервиси за платежни трансакции што ќе ги овозможат своите услуги за резидентите од нашата земја. Тие ќе можат овие сметки да ги користат исклучиво за комерцијални цели, односно за купување и/или за продавање стоки и услуги по електронски пат. Дали и кога граѓаните и компаниите ќе можат да отворат сметка кај одреден електронски сервис и какви услуги ќе можат да користат (дали само за плаќање или и за наплата), одлучува секој од сервисите, при што деловната одлука ја носи врз основа на сопствени анализи и оцени.

-При разгледувањето на одлуката, на седницата, меѓу другото беше одбележано дека либерализацијата во однос на отворањето и поседувањето кориснички сметки кај електронските сервиси за платежни трансакции во натамошниот период може да донесе повеќе придобивки за нашата економија. Истовремено, беше истакнато дека донесената одлука е еден од чекорите на Народната банка за поголема промоција и поддршка на електронската трговија и залагање за користење на предностите од финансиските технологии, односно се создаваат услови стоките и услугите коишто ги нудат нашите резиденти, преку електронската трговија да бидат подостапни на меѓународниот пазар, соопшти НБ.

Во дискусијата на седницата, се додава во соопштението, беа истакнати и можните ризици за резидентите што ќе ги користат овие сервиси, пред сѐ во поглед на квалитетот и сигурноста на услугите.

На денешната седница, Советот ја разгледа и ја донесе и одлуката за изменување на одлуката за методологијата за пресметување годишна стапка на вкупните трошоци, со која треба да се овозможи поголема заштита на корисниците на потрошувачките кредити.

-Согласно со донесената одлука, давателите на потрошувачки кредити во пресметката на СВТ ќе треба да ги вклучуваат сите категории трошоци што ги намирува кредитокорисникот и за кои со Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити не е предвидено да не бидат опфатени со оваа пресметка. Со направената измена во регулативата се очекува дека ќе се обезбеди уште поголема транспарентност во формирањето на цените на потрошувачките кредити и дека на кредитобарателите ќе им биде навремено достапна поцелосна информација за вкупните трошоци коишто ќе ги имаат на годишно ниво, што ќе им обезбеди и поголема заштита како потрошувачи, информира НБ.

Советот ја разгледа и ја донесе и одлуката за изменување и дополнување на одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот. Со измената се проширува обврската на банките за утврдување капитал потребен за покривање на ризикот од другата договорна страна и на ризикот од порамнување/испорака. Поконкретно, покрај обврската за покривање на овие ризици за позициите од портфолиото за тргување, согласно со донесената измена, од 1 јануари следната година, банките ќе имаат обврска да издвојуваат капитал за овие ризици и за позициите од портфолиото на банкарски активности. Станува збор за ризици коишто се присутни кај сите позиции во финансиски инструменти, а кои би добиле поголемо значење за банките со развојот на пазарот на капитал и зголемување на вложувањата на банките во различни видови финансиски инструменти. Со оваа измена се овозможува натамошно усогласување со Базелските капитални стандарди, како и со соодветната европска регулатива.