Стотици нововработени или примени по рамковниот договор не одат на работа, но случај се креира само за поранешен директор од опозицијата, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако ексдиректорот на Централниот регистер, Андреја Поповски, беше приведен поради злоупотреба на службената положба и овластување поради вработување на партиска активистка која не доаѓала на работа, а добивала плата.
ВМРО-ДПМНЕ критикува дека земјата тоне во корупција и назадува на листата на „Транспаренси“, а премиерот Зоран Заев нуди партиско-политички пресметки со сите кои размислуваат поинаку.
„Институциите се злоупотребуваат за да се штити криминалот на власта, а за сметка на тоа се креираат и измислуваат непостоечки случаи. Власта најавува одлуки, а потоа клиентелистичкиот суд само ги пишува“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
Опозицијата дополнително коментира дека ЕУ и САД бараат расчистување на рекетот и дивоградбите и инсистираат пред суд да бидат изведени не само извршителите, туку и организаторите и помагачите на криминалот.