Сингапурската конвенција ја потпишаа 46 држави, вклучувајќи ги двете најголеми светски економии – САД и Кина, како и Индија и Јужна Кореја, кои се меѓу најсилните економии во Азија. По потпишувањето на конвенцијата, се организираше тркалезна маса насловена како „Градење доверба, овозможување меѓународна трговија“, на која се обратија 22 шефови на делегации, меѓу кои и нашата министерка за Рената Дескоска, како и Стивен Матиас, помошник-генерален секретар за правни работи на ООН.
Во своето обраќање, во поглед на меѓународните трговски односи, министерката Дескоска истакна дека оние компании што дејствуваат на меѓународен план, честопати подлежат на повеќе јурисдикции. На овој начин, преку разликата во законодавствата – може да се доведеме во деликатна ситуација во која некој може да се соочи со меѓусебно исклучиви обврски.
„За таа цел, на учесниците во меѓународните деловни односи им е потребна униформна регулатива, наметнувајќи еднакви ограничувања и обврски за сите. Ваквите еднакви обврски најдобро се реализираат преку мултилатерални инструменти, бидејќи системот на мултилатерални договори создава поеднакви и полесно препознатливи правила. Од друга страна, билатералниот метод на меѓународно регулирање, иако дозволува поголема флексибилност и слобода на дејствување на државите, не е соодветен за справување со глобалните проблеми, како што е глобалното затоплување, човековите права, борба против сиромаштијата, борба против тероризмот, олеснување на глобалнота трговија“, истакна Дескоска.
„Билатералните договори многу често создаваат конкурентни обврски и им овозможуваат на државите да изберат – и да ги изберат своите меѓународни обврски. Накратко, мултилатерализмот промовира меѓународно владеење на правото и служи како темел за меѓународен поредок во којшто подобро се служат интересите на сите држави, вклучително и на послабите“, потенцираше Дескоска.
Воедно, министерката Дескоска истакна очекување дека Сингапурската конвенција ќе ја промовира употребата на медијацијата за решавањето на прекугранични трговски спорови, затоа што ќе им овозможи на земјите да извршат прекугранично посредување и решавање спорови – парче од „сложувалката за медијацијата“ која досега недостасуваше.
„Овој инструмент ќе овозможи надминување на една значајна бариера и ќе ги охрабри компаниите да ги надминуваат споровите преку медијацијата, со обезбедување ефикасен прекуграничен механизам кој ќе даде правно дејство на спогодбите склучени со медијација. Накратко, оваа нова конвенција нуди можност да се затвори ‘јазот во спроведувањето’“ – потенцираше министерката Дескоска.
Според министерката Дескоска, ова, пред сè, е важно за сите големи и мали економии бидејќи сите тие имаат инвестиции надвор од границите на земјата и тие ја разбираат важноста да се осигураат дека постојат меѓународни механизми засновани на правила за справување со спорови во меѓународната трговија.
„Затоа, решивме да ја покажеме нашата цврста поддршка за овој инструмент на меѓународното право, создаден под покровителство на UNCITRAL, со тоа што ќе бидеме една од првите држави потписнички“, потенцираше Дескоска.
Со потпишувањето на Сингапурската конвенција, Република Северна Македонија повторно потврдува дека силно го поддржува алтернативното решавање на споровите.
На домашно ниво, подготвен е нов Закон за медијација со цел да се олесни медијацијата – како побрза, поевтина постапка за решавање спорови, особено во делот на решавање на деловните спорови.