Костадин Костадинов пред да излезе на прес конференции и да зборува за правна држава треба да одговори на јавноста. Која е неговата улога како почесен член во Организацијата на првоосомничениот во случајот Рекет, Бојан Јовановски Боки 13, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали има врска со сомнителните трансакции на сметката на пензионерката од Скопје, која потоа тврди дека била измамена токму од Меѓународниот Сојуз во кој членува Костадинов?
Зошто тој не пријавил сомнителни трансакции кои ги правела Организацијата ако не е вмешан во криминалот на неговиот пријател Боки 13? Ако имаше правна држава, а не послушно обвинителство досега Костадинов ќе беше во најмала рака распитан за скандалозниот рекетарско-политичко-обвинителски октопод со кој тој има непосредни конекции. Изнудата и рекетот не застаруваат толку брзо“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Боки 13 не бил сам во своите дејанија, велат од таму.
„За многу скоро, ако не ова обвинителство, тогаш некое друго кое ќе биде независно и ослободено од канџите на Заев ќе го испита работењето на Меѓународен Сојуз, каде членува и Костадинов, но и многу други функционери на СДСМ и нивни роднини.“, се вели реакцијата.