Oд Владата, по завршувањето на вчерашната седницата, соопштија дека се создадени првите конкретни услови преку обезбедување финансиски средства за изградбата на клиничкиот центар. На седницата е констатирано дека доколку сите процедури се одвиваат според предвидената динамика, може да се очекува во текот на зимата да биде поставен камен-темелникот на новиот универзитетски клинички центар во Скопје.
Истовремено, усвоена е информација за начинот на финансирањето на изградбата. Задолжено е Министерството за финансии, во соработка со Министерството за здравство, да почне преговори со конзорциумот на банки „Ерсте груп“, Рајфајзен банк и „Уникредит“ за заем обезбеден со гаранција од ECA.
„На седницата е констатирано дека е завршена фазата на утврдување најповолна понуда на кредит, а тоа што станува збор за познати светски банки, само ја потврдува довербата на странските кредитори кон нашата држава. На седницата е задолжено Министерството за здравство, како договорен орган, да ја спроведе постапката за јавната набавка за изградба. За потребите и реализацијата на новиот универзитетски клинички центар, Владата донесе одлука, со оглед дека во изведбата обврски имаат и други министерства и институции, да даде рок од 30 дена во кои тие ќе ја разгледаат можноста за придонес во реализацијата и повратно ќе ја известат Владата“, велат од владината прес-служба.