25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев за Усеини: Ако извршил физички напад ќе одговара, дури и ако го загубиме мнозинството во Охрид

Премиерот Зоран Заев изјави дека ако советникот Нефи Усеини извршил физички напад ќе одговара, а истрагата ќе покаже дали било така. Заев е дециден дека законот е еднаков и мора да важи за сите, па подвлече дека Усеини ќе одговара макар и СДСМ да го загуби мнозинството во Советот во Охрид.

„Ако направил физички напад, ќе одговара, не судам во делот на вина, истрагите ќе си покажат. Предрасуди нема спрема никој. Има општини каде СДСМ нема контрола врз мнозинството во Советите, па тие функционираат нормално. Немаме резерви дали ќе изгубиме мнозинство или не, се работи за закон. Без разлика на последиците. Ова прашање не треба да се политизира“, изјави премиерот Зоран Заев.

Во делот на дивоградбите, Заев подвлече дека општината веќе издала решение за отстранување на неговата дивоградба и се очекува извршувањето да почне.

Претходно Вицепремиерот, Бујар Османи, изјави дека од ДУИ била воспоставена комуникација со Охрид по инцидентот со Усени.

„Нема потреба да се партизира и политизира оваа работа. Секој си носи одговорност за постапките“, рече Османи.

Во делот на дивиградбите, Османи повика да се почне со неселективно уривање на сите дивоградби, не само во Охрид.