23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Националната платформа за намалување ризици од несреќи и катастрофи отворена за коментари и забелешки

Денеска се одржа трибина на тема „Национална платформа за намалување ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија“ на која присуствуваа претставници од владини институции, граѓанскиот сектор и од научната сфера.

На оваа трибина воведни обраќања имаа националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија, Павле Трајанов, заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Влатко Шешов, професор д-р Марјан Ѓуровски од Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола – Факултет за безбедност, раководителот на Секторот за цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана, Тони Петревски и Влатко Јовановски, шеф на Секретаријатот на DPPI SEE.

„Од секогаш сум бил убеден дека државата, односно нејзините институции се должни да креираме национална платформа што ќе може да ги задоволи сите наши потреби и да нуди реални можности за заштита на луѓето и на материјалните добра, да ги интензивира сите потребни нормативни измени во различните области, а примарно во делот на заштитата и спасувањето, кризниот менаџмент и слично. Очекувам дека и денешнава трибина, односно размислувањата и дебатите во рамки на неа ќе дадат свој придонес како во изградбата, така и во имплементацијата на квалитетна национална платформа во полза на општеството и граѓаните“, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

На оваа трибина за време на воведното обраќање националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување ризици од несреќи и катастрофи, Павле Трајанов, кажа „Сите анализи покажуваат дека системот за управување со кризи мора да се реформира. Покрај другото, реформите подразбираат и донесување нови законски решенија со кои ќе се обедини целокупниот систем и ќе ги опфати сите аспекти на системот за кризи, заштита и спасување. Треба да се воспостави единствен систем за управување со кризи, заштита и спасување и интегрирање на расположливите капацитети и ресурси на сите административни нивоа, како и сеопфатен пристап за поефикасно и поефективно намалување на ризиците од катастрофи. Јакнење на отпорноста на општеството од катастрофи е круцијално прашање на кое мора да работат сите субјекти на системот.“

Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје, Влатко Шешов, во своето излагање на Трибината ја потенцираше важноста од стратешкото партнерство на науката и заштитата на населението и материјалните добра од ризици од катастрофи. Се осврна на значајниот придонес на ИЗИИС низ четирите сегменти на рамката за намалување ризици од катастрофи (хазард, изложеност, повредливост и капацитет за справување), ги потенцираше тековните значајни активности во доменот на ризиците, како и приоритетите и иницијативите на ИЗИИС во наредниот период со поддршка од државните институции. Ја поздрави организацијата на Трибината и ја потенцираше исклучителната важност на меѓуинституционалната соработка на сите чинители во доменот на справување со ризиците од несреќи и катастрофи.