23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Холандската влада со финансиска поддршка за имплементација на истанбулската конвенција

Холандската влада обезбеди финансиска поддршка од 9,1 милиони денари за реализација на активности во рамките на националниот акциски план за спроведување на истанбулската конвенција. Договорот денеска го потпишаа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и в.д. амбасадорот на Холандија, Андри ван Менс.

„Многу ми е драго што нашите напори како Влада и Министерство за справување со родово базираното и семејно насилство се видливи и препознаени. Им благодарам на нашите пријатели и партнери од Холандија за оваа значајна поддршка. Борбата за еднаквост и заштита на сите ранливи категории останува наш врвен приоритет. Во таа насока подготвуваме нов закон за превенција и заштита од сите форми на насилство врз жената, кој се очекува да биде финализиран до крајот на годината. Со овој закон првпат ќе бидат воспоставени севкупен систем и мултисекторски пристап кон превенцијата и заштитата од насилство“, изјави Царовска.

Со овие средства се предвидени активности неопходни за успешно спроведување на истанбулската конвенција во Република Северна Македонија. Конкретно, ќе се изработат стандарди за давање специјализирани услуги на жртви на родово базирано и семејно насилство и стандардни за оперативни процедури. На овој начин ќе се обезбеди поефикасна заштита на жртвите од родово базирано и семејно насилство, како и навремена и соодветна интервенција на надлежните служби.

„Промоцијата и унапредувањето на владеење на правото и човековите права, вклучително и правата на жената во целиот свет, се носечки столб на холандската надворешна политика. Личната и општествената цена на насилството врз жената е преголема. Истанбулската конвенција дава силен поттик за превенција и борба против семејното насилство и насилството врз жените. Токму затоа, се гордеам што можеме да придонесеме кон тековните активности на Владата, особено на Министерството за труд и социјална политика, за справување со овие појави преку системски и сеопфатен пристап, заедно со граѓанското општество и другите релевантни фактори во оваа област“, изјави Андри ван Менс.

Дополнително, ќе се спроведат општи и обуки за даватели на специјализирани услуги на жртви на родово базирано и домашно насилство. Како резултат на ова, ќе добиеме 15 обучени национални тренери, кои ќе може понатаму да обучуваат дополнителни кадри.

Ќе се спроведат општи обуки за родово базирано и семејно насилство наменети за повеќе целни групи, а ги вклучуваат вработените од основно и од средно училиште, воспитувачи и негуватели, стручни работници од социјалните центри, полициски службеници, здравствени работници, судии и јавни обвинители. Благодарение на овие обуки, кои ќе се реализираат во текот на 2019 и 2020 година, ќе се зајакне принципот на еднаквост во општеството, ќе се детектираат специфичните проблеми и потреби на жени од разни ранливи групи, приспособено на областа што ја покрива соодветната институција.