Со показна вежба на 120 питомци и студенти од нашата држава и 11 партнерски земји, денеска на полигонот „Криволак“ и официјално заврши десеттиот, јубилеен, меѓународен безбедносно-одбранбен проект Летен кампус 2019.
Показната вежба на учесниците на Летниот кампус се состоеше од активности поврзани со задачите при учество во мисија за поддршка на мирот, справувањето со толпа, борбата во населено место, постапката за справување со минско – експлозивни направи, како и давањето прва помош проследено со медицинска евакуација со хеликоптер и реализацијата на односите со јавноста во меѓународни операции.
Заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, ги поздрави учесниците на кампусот и им порача да бидат горди на себе, на сето она што го научиле и постигнеле изминатите десет дена.
„Партнерствата кои ги направивте за овие десет дена, сè што научивте и споделивте ќе останат засекогаш во вашите умови и срца. Пријателствата кои ги создадовте меѓу питомците од 12 земји и студентите од универзитетите ќе бидат вечни“, рече тој.
На затворањето на Летниот кампус, помеѓу другите, присуствуваа и директорот на Генералштабот, генерал-мајорот Зоран Милевски, директорот за одбранбено планирање во австриското Министерство за одбрана, генерал-мајорот Јохан Франк, како и командантот на TRIDOC на Косово, бригадниот генерал Илфете Спахиу.
Учесници на кампусот беа питомци и студенти од Република Северна Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Романија, Германија, Хрватска, Чешка и Норвешка.