Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, вели дека е разочаран и револтиран по веста дека се прекинува седумнаесетгодишната долга традиција на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“.
Според него, прекинот на оваа културна манифестација е резултат, односно последица од, како што рече, скандалозната Годишна програма на Министерството за култура кое не обезбедило финансиски средства за Велешкиот театар да ја продолжи традицијата и да го организира овој фестивал.
„Би сакал да потсетам дека во минатото овој фестивал на античка драма добиваше огромна финансиска помош од државата, но уште повеќе инвестициите од претходните влади во културата во Велес беа на највисоко ниво. Капиталните проекти коишто се правеа во минатото беа реконструкција на Античкиот театар во Стоби, реконструкција на Детскиот пионерски центар и библиотека, но најмногу и најзначајно во Велес се изгради најмодерната, најсовремената, но и најопремена нова зграда на театар во Македонија. Тоа беа проекти за сите граѓани во Велес“, рече Димовски.
Новата власт, додаде тој, не само што не изгради ништо, туку покажа дека не е спремна да ги одржува и културно да ги искористува изградените и реконструирани објекти од претходните десетина години.
„Велес во минатото бил центар на културата во Македонија, а денес, за жал, оваа Влада прави да биде културна периферија.
Просто сум зачуден од односот, од молкот и немањето ангажман на луѓето од Велес кои се влкучени на највисоки позиции во извршната и законодавната власт. Не се надевам дека Владата или Министерството за култура ќе преземат позначајни мерки, но сум сигурен дека наскоро, по промената на власта Велес ќе го врати заслуженото место на еден од првите и најголеми центри на културата во Република Македонија“, рече Димовски.