14.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев-Дион: Поддршка од Канада за европските и НАТО-интеграции

Поддршка од Канада за прогресивните политики и европските и НАТО-интеграции на државава. Ваков е заклучокот од средбата што ја оставрија претседателот на Владата, Зоран Заев, и Стефан Дион, специјален пратеник на премиерот на Канада за Европската Унија и Европа.

На средбата е пренесена поддршка од канадскиот премиер Џастин Трудо на прогресивните политики на премиерот Зоран Заев, коишто, како што е оценето, бележат напредок во клучни области, како што се заложбите за владеењето на правото, економијата, одржлив развој на земјата.

Изразена е поддршка од Канада, како еден од најдобрите партнери на ЕУ, на евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија, откако Канада даде поддршка за членството на нашата земја во НАТО, преку веќе ратификуваниот Протокол за членство во НАТО.

Констатирано е дека е важно да продолжат процесите на европските интеграции за државите од Балканот, коишто работат на имплементацијата на европските вредности, како придонес во стабилноста и развојот на Балканот, а и на самата ЕУ, но и во име на почитувањето на принципот на вреднување на сработеното и заслугите.

„Низ консензус ги изгласавме клучните реформи во правосудството, безбедносните служби, јавната администрација, борбата против корупцијата. Денес и низ конкретен пример ја покажуваме нашата цврста определба за справување со корупцијата и примената на законите еднакво за сите. Очекуваме и за важниот Закон за јавно обвинителство до крајот на август да биде изнајдено заедничко решение. НАТО-интеграциите веќе се одразуваат на растот на економијата. Нашите очекувања се дека во октомври ЕУ ќе го овозможи нашиот следен чекор во интеграциите со што државата ќе ја добие значајната мотивација да продолжи напред по вистинскиот пат“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата изрази благодарност до канадскиот премиер Трудо и до специјалниот пратеник Дион за поддршката од Канада во евро-атланските процеси и за принципиелната поддршка од Канада во сите досегашни демократски процеси.

На средбата е разговарано за развој на економската соработка и за можноста за нови канадски инвестиции во државава. Во таа насока се разговара за зајакнување и подобрување на правната рамка што го овозможува тоа.

Заеднички е констатирано дека Република Северна Македонија и Канада се пријателски земји, коишто споделуваат исти демократски и развојни вредности и дека тој потенцијал е база за проширување на соработката меѓу двете држави.

Спонзорирано: