Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, и градоначалниците на општините од Југоисточниот Плански Регион денеска во Струмица го потпишаа договорот за финансирање на оперативните функции на Центарот за развој на планскиот регион за тековната година.
Во согласност со Законот за рамномерниот регионален развој, Министерството за локална самоуправа на годишно ниво го кофинансира работењето на сите осум центри за развој на планските региони во висина од 1,2 милион денари за активности и исто толку за имплементација на проектите за регионален развој.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, истакна дека со договорот се утвдуваат и активностите што Центарот за развој ќе ги реализира оваа година, а кои произлегуваат од Програмата за развој на Југозападниот Плански Регион. Милевски ги информира градоначалниците дека вчера Министерството за локална самоуправа ги почна активностите на експертско ниво за подготовка на измените на Законот за рамномерниот регионален развој и на новата Стратегија за регионален развој за периодот 2020-2029 година, во што се очекува своето искуство да го пренесат и локалните власти.
„Процесот на подготовка на законските измени и на стратешкиот документ ќе биде инклузивен и во него ќе бидат вклучени сите засегнати страни, вклучително и претставници од ЗЕЛС, градоначалниците, центрите за развој, експертската јавност и граѓанскиот сектор. Во изминатиот десетгодишен период не се постигнати очекуваните резултати, развојните разлики се големи, особено меѓу урбаните и руралните општини, нивото на услуги во некои населени места е под стандардите. Оваа состојба мора да се менува со ефикаси политики и брзи решенија“, рече Милевски.
Во наредните денови договори за финансирање ќе бидат потпишани со сите центри за развој на планските региони за да не се доведе во прашање нивното тековно работење.