21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Дескоска од Швајцарија: Интеграцијата во ЕУ е сериозен и долг процес – бараме да го почнеме

Министерката за правда, Рената Дескоска се обрати на јубилејното 30 издание на Кран Монтана Форумот кој деновиве се одржува во Женева, Швајцарија,.

Во своето обраќање во рамки на сесијата посветена на Глобалната безбедност во медитеранскиот регион, министерката Дескоска истакна дека Република Македонија важела за една од најнадежните поранешни југословенски републики во поглед на евроинтеграцискиот процес, но дека државата останала заглавена во чекалната на ЕУ, најмногу поради проблемот со името.

„Во 2009 мојата држава доби позитивен извештај од Европската Комисија со препорака за започнување на преговорите, но потребно беше да се реши проблемот со името. Чекањето се одрази доста негативно врз мојата држава – следеше тешка политичка криза и формирање на нова влада на која и беше јасно посочено дека влезот во ЕУ и НАТО е условен со решавање на споровите со соседите“, потенцираше Дескоска.

Спорот со името е решен, посочи министерката Дескоска, но преостанува Европската Унија да ги отвори преговорите со Република Северна Македонија, што всушност и беше мотивацијата за решавање на долгогодишниот спор со Република Грција.

„Придобивките од овој договор денес не ги чувствуваат само нашите две држави, туку регионот и цела Европа, но потребно е заокружување на овој процес. Промената на името беше направена за интеграција во Европската унија, не за повторно да останеме без перспектива. Промената на името пред граѓаните на мојата држава беше направена со ветување дека европерспективата на нашата држава е загарантирана – а не дека ќе следи повторна блокада. Северна Македонија не може да се смета за успешен пример ако не успее во исполнувањето на својата цел – евроинтеграција“, истакна Дескоска.

Ненаградувањето на напорите на Република Северна Македонија исто така, според министерката Дескоска, испраќа лоши пораки за спорот со Србија и Косово. Тому затоа министерка посочи дека одлуката за почеток на пристапни преговори е важна не само заради нас, туку и заради пораката којашто ќе се испрати до целиот регион – порака дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните.

„Отворањето на датумот за преговорите за Северна Македонија не значи директен прием на државата во ЕУ – најмакотрпната работа за нашата држава започнува со исполнувањето на европските стандарди и за тоа сме многу свесни и токму таа можност ја посакуваме. Интеграцијата во ЕУ е сериозен, долг процес – бараме да го започнеме тој процес. Да потсетам само дека голем број држави кои ги започнаа преговорите со ЕУ – беа далеку помалку подготвени од Северна Македонија во моментот, држава која не бара брз влез во ЕУ – само шанса и поддршка во демократските реформи “, потенцираше Дескоска.

Што се однесува до усогласувањето на домашното законодавство со европските стандарди, министерката Дескоска истакна дека во процесот на менувањето на законите од областа на правосудството и борбата против корупцијата, земјата е во постојана комуникација со Венецијанската комисија и Европската Комисија, што ја држи земјата на вистинскиот пат.

Спонзорирано: