Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Министерството за земјоделство: Проблемите се надминати, 60 отсто од извозот на праски е наменет за рускиот пазар

Претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), заедно со градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев, ги посетија откупните пунктови за праски.

Како што информираат од Министерството, откупот на праски се одвива непречено, 60 отсто од производството се извезува во Русија, но извоз има и во Косово и Црна Гора.

Откупната цена на праските е според квалитетот и се движи од 15 до 20 денари.

„Речиси 60 отсто од вкупниот извоз на праски оди на рускиот пазар, проблемите за извоз во Руската Федерација се надминати. Државниот инспекторат за земјоделство е постојано на терен, исто така и Државната фитосанитарна лабораторија дежура и во сабота и во недела за примање и издавање анализи за да бидеме експедитивни со цел производот да се извезе и да нема застој. Цената се движи во зависност од квалитетот“, изјави Трајан Димковски од Министерството за земјоделство.

Градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев, посочи дека во текот на денешниот ден е купена целата стока што е понудена за откуп, дека има доволно заинтересирани откупувачи и очекува целото производство да биде откупено.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Благој Индов, изјави дека дека инспекторите се постојано на терен, се земаат мостри за габата Monilinia fructicola кај коскесто овошје и засега сите резултати се негативни и праските се извезуваат на рускиот пазар.

Во текот на неделава МЗШВ ќе има средба и со компаниите од индустријата за да се договори откупот на праски за преработка, а ќе продолжи комуникацијата со земјоделците и откупувачите со цел да има поблиска соработка, што ќе резултира со откуп на целокупната произведена количина праски.

Во тренд…