Во вечерашното гостување во емисијата Топ тема заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска истакна дека Европската унија, преку Извештајот на Европската комисија го препознава успехот на државата во реформскиот процес и очекува тоа да биде потврдено и од Советот на ЕУ.
– Убедена сум дека оваа година ќе преговараме со ЕУ. Немам дилеми дека и во заклучоците на Советот ќе биде констатирано дека ги исполнивме сите услови и очекувања, и тоа не само на услови и очекувања кои се однесувале само на договорите со Грција и Бугарија туку и на домашните реформи што ги спроведовме и ги спроведуваме во клучните области. Како Влада одлучивме тоа што може да го завршиме, да го сработиме и да не го одлагаме. Затоа денес ЕУ може да заклучи дека се што е до нас е завршено. Покажавме дека добриот однос и шансите за решенија носат реален резултат. Денес дури и најскептичните земји членки на ЕУ не можат да најдат оправдување за да не започнеме преговори, порача Шекеринска.
Заменик претседателката Шекеринска посочи дека со забрзаната ратификација за пристапување во НАТО и интензивирањето на интеграцијата во ЕУ, како држава покажавме дека сме на вистинскиот пат, дека влогот е голем и затоа не смеат да се дозволат грешки ниту на домашен ниту на надворешен план.