Општина Центар почна со отстранување нелегални тераси на повеќе од 20 угостителски објекти, а како што информираат од таму, во процедура се и други извршни решенија по кои Општината ќе постапува во наредниот период.
„Предмет на отстранување се објектите кај кои е утврдено дека и покрај немање одобрение за поставување урбана опрема од Град Скопје, тие ја поставиле опремата и направиле тераси со кои бесправно узурпирале јавен простор“, појаснуваат општинските власи.
На листата со објекти кај кои Центар изминатиов период утврдил нерегуларности и во согласност со тоа следува отстранување на терасите се: ресторан „Гурмет“, кафе-бар „Паладиум“, кафе-бар „Кофи фектори“, гостилница „Сушико“, гостилница „Лантерн“, ресторан „Барака“, кафе-бар „Броз-кафе“, гостилница „Фрути ди маре“, кафе-бар „Деус“, бистро „Правда“, кафе-бар „Нано-бар“, гостилница „Бруклински“, гостилница „Булевар“, кафе-бар „Винил“, кафе-бар „Џус-бар“, кафе-бар „Локал 45“ и гостилница „Сквер“.
Наведените објекти доставиле барање до Град Скопје за вршење дејност надвор од својот деловен простор и поставување урбана опрема, но добиле официјално решение од Градот со кое нивното барање се одбива. Но, и покрај тоа, тие постапиле спротивно од решението.
Инспекциските служби од Центар, по извршениот увид, им дале на сопствениците решенија за отстранување со можност сами да постапат и да ја отстранат недозволената опрема. Доколку не го сторат тоа во законскиот рок, Општината со полициска асистенција ќе го отстрани нелегалниот дел.
Минатата недела цел на Општина Ценатар беа и дивите тераси на кафулиња на улицата Ленинова во Дебар Маало.