9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тевдовски: Праведниот данок е успешна реформа

Позитивните очекувања за праведното оданочување се реализираат, истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, на прес-конференција. Тој посочи дека економијата е во одлична кондиција, што е доказ дека реформите во фискалниот систем се во вистинска насока.

Тевдовски истакна дека со средствата од праведното оданочување се поддржува социјалната реформа – односно обезбедување фер општество и праведен раст за сите.

Тој презентираше седум факти за економските остварувања, по воведување на праведното оданочување. Посочи дека во првото тримесечје бројот на вработени е зголемен за 17.000 лица, а невработеноста е сведена на најниско ниво од спроведување на анкетата на работна сила.

„Иако пред воведувањето на праведниот данок во јавноста беше изразена загриженост дека праведното оданочување ќе ја намали вработеноста, се случи сосема спротивното, односно само за едно тримесечје бројот на вработени е зголемен за 17.000 лица“, рече тој.

Во однос на вработеноста кај младите, министерот за финансии рече дека и покрај стравувањата дека ќе се намали бројот на вработените кај младата популација по воведување на прогресивното оданочување, во првото тримесечје од 2019 година има раст на вработеноста кај младите за 6000 лица во споредба со последното тримесечје од 2018 година.

Раст има и кај просечната нето-плата во првите три месеци од 2019 година во споредба со првото тримесечје од 2018 година и тоа за 3,4%, што е повисоко ниво во однос на седумгодишниот просек, рече Тевдовски. Министерот за финансии истакна дека ова е наспроти тезите кои постоеле во јавноста дека воведувањето на праведниот данок ќе влијае на работодавачите да ги намалат платите на работниците.

„Напротив, во континуитет имаме зголемување на просечната плата. Зголемена е и просечната плата на програмерите во првото тримесечје од 2019 година за 5,5%. Бројот на вработени во дејноста Информации и комуникации, исто така е зголемен за 1.500 лица во споредба со последното тримесечје на 2018 година или за 5.000 во однос на истиот период лани. Кога дебатиравме за воведување на праведното оданочување имаше стравувања токму од овој сектор дека ќе има намалување на платите и на бројот на вработени, бидејќи овој сектор беше најблиску до границата за прогресивната даночна стапка. Сепак, се случи токму спротивното и имаме позитивни резултати и тука“, рече Тевдовски.

Тој посочи дека од почeтокот на годината имаме добра наплата на данокот на личен доход или за 17,4% повеќе во споредба со истиот период минатата година.

„Ова е спротивно на одредени тврдења пред воведување на праведното оданочување, дека ќе ја зголеми даночната евазија. Имаме навистина солидни остварувања и во реалниот сектор од почетокот на годинава. Индустриското производство во периодот јануари-април 2019 е повисоко за 7,9% во споредба со истиот период минатата година. Извозот на стоки и услуги во периодот јануари-април 2019 е повисок за 15% во споредба со истиот период минатата година. Инаку, просечната стапка на раст на извозот во последните 7 години изнесува 9,2%. Ова е спротивно на некои мислења кои претходно постоеја во јавноста дека прогресивното оданочување ќе му наштети на бизнисот“, вели Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека целосниот економски резултат, односно растот на БДП во првото тримесечје изнесува 4,1% и претставува навистина добро остварување.