Во рамки на дводневната официјална посета на Словенија, премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев одржаа неколку средби со словенечки компании и оттаму најавија нова инвестиција на компанијата „ТАБ МАК“ во висина од 25 милиони евра, којашто ќе отвори над 90 нови работни места во Пробиштип и околината.
„ Директор на компанијата ТАБ МАК, ја сподели добрата вест со нас, дека е донесена одлука да направат нова инвестиција за фабриката за акумулатори во Пробиштип во вкупна вредност од 25 милиони евра. Се потврдува дека во нашата земја има поволна инвестициска клима кога една компанија којашто скромно стартуваше пред неколку години сега носи вака крупна одлука за инвестиција од 25 милиони евра којашто ќе отвори нови од 70 до над 90 работни места. Се потврдува дека севкупните наши политики значат отворање на перспективи на Северна Македонија за интегративните процеси, но и на сите економски политики што ги водиме во државата“, рече Заев и додаде дека оваа инвестиција се реализира во внатрешноста на земјата што е дополнителен импулс за рамномерниот регионален развој и за задржување на младите во нашата земја.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека во Словенија, имале работна средба со претставници на 17 словенечки компании кои имаат операции во Република Северна Македонија, кои ги презентираа своите идни планови и притоа изразија задоволството од бизнис климата во нашата земја и актуелната политичка состојба.
„Во согласност со Законот, оваа компанија ќе има можност да потпише договор за државна помош со што ќе се забрза реализацијата на проектот. Ова е една од компаниите која инвестира надвор од Технолошко индустриските зони. Со тоа покажуваме дека не се поддржуваат компании само во ТИРЗ. Веќе имаме добар број на фабрики кои инвестираат и надвор од овие зони. Со оваа компанија разговараме околу една година, во новата инвестиција ќе донесе современа технологија, што значи и поквалитетни работни места за граѓаните на Пробиштип и околината“, нагласи Анѓушев.
Управителот на Таб Мак, Игор Липовник, истакна дека станува збор за компанија која успешно функционира од 1965 година, а во 2012 ја презема фабриката „Злетово“, која во тој момент имала 168 вработени и вкупно околу 5 милиони годишен приход. Тој истакна дека се одлучиле на овој чекор бидејќи во нашата земја нашле добри и квалитетни работници, а потенцираше дека односите со централната и локалната власт се на високо ниво.