23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Претседателот Заев: Донесовме одлуки кои носат суштински промени во партијата, одлуки кои ќе донесат забрзување на напредокот и подобар живот на сите граѓани

Интегрално ја објавуваме изјавата на премиерот на Македонија Зоран Заев вечерва по централниот одбор на СДСМ.

Дозволете да информираме преку вас медиумите за одлуките коишто најголемата партија во нашата земја СДСМ вечерва ги донесе.

Ветивме промени и промените се случуваат, СДСМ вечерва демонстрираше сериозна одговорност пред граѓаните и пред сопствената земја.

Во овие околности донесовме одлуки кои носат системски и суштински промени во партијата – одлуки кои ќе донесат забрзување на напредокот на земјата и подобри услови во општеството, за подобар живот на сите граѓани.

Сакам јавно да им се заблагодарам на сите оние функционери коишто денеска престанаа да ја извршуваат својата функција во СДСМ.

Благодарност до тројцата секретари на СДСМ, Генералниот секретар Кирацовски, секретарот за организациони работи Миле Зечевиќ, и секретарот за меѓународна соработка Дане Талевски којшто иако неколку недели беше само секретар за меѓународна соработка.

Сакам да им се заблагодарам на сите шест потпретседатели на СДСМ коишто денеска исто така ја завршија својата функција потпретседател на СДСМ, на Оливер Спасовски, на Фросина Ременски, на Дамјан Манчевски, на Петар Шилегов, на Мухамед Зекири, на Благојче Бочварски.

Сакам да се заблагодарам на Извршниот Одбор на СДСМ којшто исто така денеска престана да ја извршува својата функција, највисок извршен орган на СДСМ.

Сакам да се заблагодарам исто така и на координаторот на Форумот на Жени на СДСМ, Цветанка Ласкова, којашто исто така денеска престана со извршување на својата функција Координатор на Форумот на Жени.

Секако сакам да информирам дека оваа одлука којашто вечерва ја донесовме е сериозен израз на одговорност, сериозен израз на восприемчивост, примање на пораките од страна на граѓаните, корегирање по основ на тие пораки и наши амбиции за наше подобрување.

Тргнавме од сопствените редови. Знаете дека пред неколку дена донесов одлука за разрешување на сите претседатели на општинските Организации, и не е точно дека само тие се виновни за неисполнување на очекуваните резултати коишто ни ја донесоа победата но секако ја испратија пораката дека нешто мора да менуваме.

Продолживме понатаму, еве го и централното раководство во моментот, СДСМ, управува со својот Централен Одбор, претседателот на партијата, заменикот претседател на партијата и новиот Генерален секретар којшто го избравме и секако нашата младина СДММ, следуваат и во наредните денови веќе и консултации паралелно за поставување на новите органи и тела на партијата коишто вечерва беа разрешени односно престанаа со извршување на својата функција.

Сега е време за уште нова голема иницијатива на СДСМ. Целиот фокус кон подобрување на животот на граѓаните. Заради тоа постоиме, заради тоа функционираме и заради тоа сме основани.

СДСМ е големина, најголемата партија која секогаш носела најголеми одлуки за развојот на државата.

СДСМ покажува дека живее со и за граѓаните, дека ги слуша нивните потреби и дека е подготвен да се менува кон подобро, за да им служи уште подобро на граѓаните.

СДСМ покажува дека живее со и за граѓаните. Дека ги слуша нивните потреби и дека е подготвен да се менеува кон подобро,за да им служи уште подобро на граѓаните. Тоа е разликата помеѓу нас и нашите политички опоненти. Ја внесовме нашата земја во НАТО, очекуваме конечен датум за преговори со ЕУ, го сплотивме етнички нашето општество,сите предуслови се создадени за оваа драгоцена шанса нашата земја и нашиот народ да не ја пропушти.

Ако тргнавме од своите редови да се исправиме со големината и доблеста за наше отстапување со наше корегирање и подобрување верувајте нема да дозволиме на било кој во државата без разлика дали тоа е во јавната администрација, централна, локална, а прима пари од граѓаните, да не ги исполни очекувањата на граѓаните .

Никој не очекува од јавната администрација, извршната , централната парламентарната , локалната власт сто посто да реши се, но очекува да им служат чесно и верно на граѓаните. Пораката ја примивме иако сме среќни за големата победа ина изборот на претседателот Стево Пендаровски за нов претседател на Република Северна Македонија, но секако граѓаните ни испратија кристално јасна порака останаа дома, еден дел од нив затоа што не се доволно мотивирани за да излезат на претседателски избори тоа е традиционално така, но еден дел за да ја испратат пораката корегирајте се ако сакате понатаму поддршка.

Таа порака ја примивме, ЦО вечерва дискутираше четири часа и донесе консензуални едногласни одлуки. Имавме демонстрација на доблест, големина, на одговорност и резултат на тоа секако се овие одлуки кои ги донесовме. Ние продолжуваме понатаму следуваат денови кога ќе се случат промени во извршната власт, секако дека после тоа некаде за две до три недели ќе се случат именувањата и во СДСМ ќе се движиме со тоа темпо, транспарентно, одговорно, секогаш како што тоа граѓаните го заслужуваат .

Сега секако со освежени капацитети со сите сили ќе се насочиме кон подобрување на животот на граѓаните. Ветивме живот, животот стига. Инвестициите се огромни, параметрите економски се одлични, очекувам експанзија, очекувам оваа драгоцена шанса сите да ја искористиме. Сите граѓани сплотени, мудри , доблесни, со коректорите кои ги демонстрираме, навистина овој топол ветар кој што дува кон нашата земја да го искористиме за сите .

Љупчо Николовски е новиот генерален секретар на СДСМ. Љупчо Николовски нема повеќе да биде министер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој е еден од поуспешните министри во нашата Влада. Тоа го знаат граѓаните со сите реформи, со сите мерки со сите повисоки цели во земјоделието, новите пласмани кои што ги отворивме.

Сето ова што се случи во овие две години јас можам да кажам дека сум горд што имав таков член на Владата и во мојот кабинет и му благодарам на Љупчо што служеше на оваа функција, на граѓаните. Прави еден чекор назад, се враќа назад во партијата, за да може да помогне, оваа партија и во иднина биде победничка партија и да биде нешто за кое што граѓаните ќе мислат и ќе веруваат дека ќе продолжи да ги извршува и исполнува нивните очекувања кои што и тоа како се со право големи а граѓаните ги очекуваат прво од најголемата политичка партија , па од сите други.

На Љупчо му посакувам многу успех, силна посветеност и бескомпромисност, кога е во прашање интересот на граѓаните.

Љупчо, сега време е целокупниот потенцијал на партијата на добро организиран начин да го ставиме во служба на интересите на граѓаните. Ќе ја има мојата поддршка и поддршката на сите твои социјалдемократи, а верувам и на сите граѓани. Навистина од СДСМ да направиме уште подобра партија за да и бидеме повеќе корисни и од поголема полза на граѓаните за кои функционираме и постоиме.