9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар

Во Гостивар, на 24 мај, в петок, ќе се одржи шестото издание на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“. Како што информираат организаторите, се прават последните подготовки за манифестацијата, со која Гостивар го слави ликот и делото на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј.

„На фестивалот со свои стихови ќе блесат петнаесетина квалитетни поетски имиња од земјава и странство. Веруваме дека подготовките што траеја неколку месеци ќе ги крунисаме в петок со голем и впечатлив поетски настан. Да потсетиме дека годинава на конкурсот се пријавија рекордни над 160 домашни и странски автори, од кои жири-комисијата ги избра финалистите, кои ќе се претстават на фестивалот в петок и кои влегоа во трка за наградите“, велат организаторите од здружението за култура и заеднички вредности „Слово 21“.

Фестивалот доделува гран при, прва, втора и трета награда, како и награда за најдобар странски автор и најуспешна млада поетска искра. Песните годинава ги оценуваше жири-комисија во состав: претседател Виолета Танчева-Златева, истакнат поет, раскажувач, лектор, член на Друштвото на писателите на Македонија, и членовите Лулзим Хазири, поет, и Гордана Страшевска, професор по македонски јазик.

Манифестацијата ќе се одржи во малата сала на Центарот за култура АСНОМ во Гостивар со почеток во 12 часот. Годинешното издание на МПФ „Литературни искри“ се реализира со поддршка на Министерството за култура, Општина Гостивар и спонзори.