4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

„Риголето“ в сабота на Мајските оперски вечери

Бисерот на оперската уметност „Риголето“ ќе биде изведен в сабота, 18 мај, со почеток во 20 часот во Националната опера и балет како дел од 47. Мајски оперски вечери.

„Риголето“ на Џузепе Верди е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…

Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и (“La Donna è mobile”), и на воопшто, убавата мелодиска структура.

Во насловната улога ќе настапи баритонот Алберто Гаѕале од Италија. Тој бележи блескава кариера со репертоар кој вклучува над 70 улоги, а настапува во Миланската скала, виенската „Штац“ опера, Арена ди Верона, како и во повеќето претижни оперски куќи низ Европа.

Во улогата на Џилда ќе настапи сопранот со префинета вокална техника, Линда Кампанела од Италија. Таа е редовен гостин на најпрестижните меѓународни оперски куќи настапувајќи низ целиот свет, а покрај тоа е престижен наставник по вокална техника и интерпретација на Вокалната академија во Торино.

Во улогата на војводата од Мантова ќе настапи Ифрим Космин од Романија, Владимир Саздовски како Спарафучил и Ирена Кавкалевска како Мадалена.

Диригент е Алесандро д’Агостини од Италија, кој ѝ е добро познат на македонската публика, диригент со импозантна кариера низ голем број европски оперски куќи.