20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Бочварски: Општина Штип е подготвена во случај на обилни врнежи од дожд и невреме

Општинскиот штаб за заштита и спасување, кој е формиран од страна на Советот на Општина Штип, денеска одржа состанок, поради најавите за обилни врнежи од дожд.

Градоначалникот Благој Бочварски по состанокот изјави дека Општина Штип заедно со двете јавни претпријатија „Стипион 2011“ и „Исар“ од денеска е подготвена за секакви врнежи на дожд и невреме, со што двете јавни претпријатија со своите капацитети ќе бидат достапни за граѓаните со цел да не дојде до поголеми штети.

„Во општина Штип се најавуваат врнежи од дожд во вторник и в среда попладне, со тоа што ние како општински штаб мораме да ги презедеме сите мерки. Од денеска двете јавни претпријатија и ТППЕ Штип се во готовност со што сите нивни капацитети, механизација и човечки ресурси што ги имаат на располагање ќе бидат во 24-часовна готовност при повик од општинскиот штаб да бидат на терен и да ги преземат сите неопходни мерки“, изјави градоначалникот Бочварски.

Јавните претпријатија „Стипион 2011“ и „Исар“ ќе бидат во приправност со човечки капацитети од околу 150 луѓе кои ќе бидат достапни за Општинскиот штаб за време на поплави и невреме, а додека ТППЕ Штип на располагање има 35 пожарникари.

Општина Штип преку ЈП „Стипион 2011“ и ЈП „Исар“ во моментот располага со 100 кубици песок и во зависност од потребите ќе биде обезбедена поголема количина на песок во идниот период.