Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека може да се пријавуваат на јавниот конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на животната средина, најубаво уреден двор на куќа, зграда или институција, најубав состав на тема екологија и најубав цртеж на тема екологија за ученици од основните и од средните училишта. Овој конкурс е во тек и ќе трае до 15 мај 2019 година.
Според јавниот конкурс, Градот Скопје ќе избира:
1.Најеколошка компанија (фирма со успешна примена на стандарди и придонес во зачувувањето на животната средина).
2.Најголем придонес во областа на животната средина (правни и/или физички лица кои со својата активност и залагање направиле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во Скопје, во смисла на заштита на медиумите и областите на животната средина, намалување на користењето необновливи видови енергија и сл.).
3.Најубаво уреден двор (двор на објект за индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект).
4.Најубав состав на тема екологија (за ученици од основните и од средните училишта).
5.Најубав цртеж на тема екологија (за ученици од основните и од средните училишта).
Пријавите на заинтересираните граѓани, невладини организации, јавни установи, претпријатија и други правни и физички лица се доставуваат по пошта на адресата Град Скопје – Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар Илинден, број 82 или во архивата на Градот, како и на телефонскиот број 02/3297-273.
За првите две категории, предвидена е по една награда во износ од по 45.000 денари. За третата категорија, најубав двор, предвидени се три награди (индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект), во износ од по 40.000 денари. За четвртата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари. За петтата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.
Градот Скопје го распиша овој повик во рамките на традиционалната акција „Денови на пролетта – Денови на екологијата“ со цел, како што велат оттаму, промоција и популаризирање на грижата за животната средина и за природата.