23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев на годишната средба на ЕБОР во Сараево со лидерите од Западен Балкан

Редовната средба на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) годинава ќе се одржи во Сараево од 7 до 9 мај, а на неа ќе учествува и премиерот Заев, заедно со сите останати лидери на земјите од Западен Балкан. Повеќе од 2.000 претставници на меѓународната бизнис-заедница, инвеститори, високи владини службеници (гувернери на ЕБОР, министри за финансии, економисти, благајници или централни банки), како и лица од граѓанските организации ќе ја посетат Босна и Херцеговина.

Освен Заев, на настанот ќе учествуваат и Денис Звиздиќ, претседавачот на советот на министри на БиХ, Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, Премиерот на Албанија, Еди Рама, Претседателот на Косово, Хашим Тачи и Претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Лидерите на земјите од Западен Балкан ќе се сретнат во рамки на програмата на оваа конференција и ќе дискутираат за низа прашања од економска и од политичка природа, што се клучни за целиот регион. Главната тема на годинашниот бизнис-форум ќе биде „Поврзување на економиите за посилен раст“, а агендата ќе покрие широк опсег на области релевантни за сите држави во кои што ЕБОР работи, како: инвестиции, миграција, туризам, дигитизација. Ќе се водат и дискусии за регионални прашања со фокус на можностите за инвестиции во Западен Балкан.

Европската банка за обнова и развој, како меѓународна финансиска институција што поддржува проекти во над 30 земји од светот, минатата година инвестира 1.1 милијарда евра во државите од Западен Балкан, што е досегашен рекорд, а годинава се очекуваат и дополнителни инвестиции.