25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

ДИК: До 19 часот излезноста во ДКП-ата е 46,16%

Државната изборна комисија на последната прес конференција за денеска ги сумираше податоците за денешното гласање на болните и изнемоштените, затворениците и дијаспората. За гласање во Дипломатско конзуларните претставништва се пријавиле 1781 гласач.

-Сѐ уште се отворени 6 гласачки места во САД и Канада. До 19 часот, според информациите од избирачките одбори, вкупната излезност од гласањето во странство изнесува 724 гласачи, односно 46,16%. Во оваа излезност, поради временската зона, не се вклучени шесте избирачки места во САД и Канада, изјави портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска и додаде дека највисока излезност имало во Букурешт, Сараево, Брисел, Берлин.

На 13-те гласачки места во казнено-поправните установи право на глас имаа 1640 гласачи. Гласањето поминало непрекинато и без проблеми и до 19 часот гласале 74,13% од запишаните.

Во единствениот центар за внатрешно раселени право на глас имаа 7 лица.

-На овие претседателски избори првпат гласаа гласачи во два старечки дома во Скопје, а од 71 гласач, правото на глас го остварија 65, односно 91,54%, рече Гугучевска.

Избирачките одбори беа одговорни за гласањето на болни и немоќни или лица во куќен притвор.

-Во своите домови, гласачкото право го остваруваат 4407 граѓани кои се пријавиле како болни и немоќни и 12 кои се пријавиле како лица во куќен притвор. Гласањето трае додека не добијат можност да гласаат сите кои се пријавиле, објасни Гугучевска.