Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, вечерва побара поддршка од кумановци за претстојното гласање в недела, порачувајќи дека ќе спроведува концепт за развој на држвата и нејзино интегрирање во НАТО и ЕУ.
-Ова е град каде што ВМРО ДПМНЕ никогаш не победил. Град кој знае да казни националнистичка политика. Од Куманово мора да дојде огромната предност која мора да биде со десетици илјади предност, бидејќи овде има резервоар на луѓе кои точно знаат за каква политика се залагаме сите ние и јас како формален кандидат, рече Пендаровски.
Тој истакна дека во недела се гласа за политика која не носи во Европа.
-Ставаме дефинитивен печат на забрана Никола Груевски да се врати назад, рече Пендаровски и посочи дека претходната власт била најлоша во историјата на државата.
Тој истакна дека тој ќе работи во интерес на граѓаните и ќе критикува за разлика од досегашниот претседател, за кого рече дека не ги потпишува указите за одредени закони значајани за граѓаните.
Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев се заблагодари на кумановци кои во првиот круг му ја дадоа довербата на Пендаровски, но рече дека многу повеќе се очекува од овој град, бидејќи истакна дека Куманово ги храбрело во минатото сите градови.
-Многу е важна одлуката дали одиме напред со современиот свет, рамо до рамо или да се вратиме назад, рече, меѓу другото Заев.
Тој нагласи дека Пендаровски е кандидат кој обединува и кој е заеднички за сите етнички заедници, дека добил поддршка од различни партии, а тоа според Заев е значајно бидејќи претседателот ќе се чувствува еднакво одговорен пред сите.
-Останете единствени и ќе победуваме, ќе бидеме економски силни и среќни, порача Заев и ја побара поддршка од присутните, но и од оние кои се дома.
-Разликите мора да бидат видливи, друга алтернатива оваа држава нема.
Кумановци знаеле да донесат одлука, рече Заев и ги повика да гласаат за Пендаровски.
Зборувајќи за посетата на Берлин, рече дека земјата има големи пријатели во Европа, Меркел, Макрон и Могерини и нагласи дека државата ќе добие датум за почеток на преговори.
Тој истакна дека е многу важно кој ќе биде претседател, нагласувајќи дека во минатотот при потпишувањето на договорите со Бугарија и Грција му била потребна исклучителна поддршка од претседателот на државата, а која не ја добил.
-Затоа е важен кој ќе ни е претседател, важна е и неговата селекција, начинот на избор за кој зборуваше и Оливер, се е важно оти има рефлексија во следните пет години на мандатот на претседателот и да се разбреме прв во државата е претседателот, па сите останати. Претседателот има право да поддржи, да охрабри, да се одважи и има право да критикува и да спречи, затоа баравме независен кандидат, рече Заев.
Според него со изборот на Пендаровски ќе нема поделби меѓу граѓаните по ниту една основа и државата ќе оди напред кон прогресот.
Тој се осврна и на економијата и на досегашниот раст и ги најави очекувањата во иднина по потпишувањето на протоколот за НАТО и по отварањето на преговорите.
-Ве уверувам дека доаѓа убава, блескава иднина за оваа наша земја, затоа се боревме и тоа се случува. Ве уверувам ќе одржиме економска лекција на Балканот, зашто народот тоа го заслужува, потенцира Заев.
Тој истакна дека нема друга алтеррнатива на 5 мај и дека со гласот за Пендаровски се исполнува граѓанската одговорност и кон државата, кон децата и идните генерации.