25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Здравковски: Граѓаните имаат моќ да направат разлика, татковината не го заслужува ова што ѝ се случува

Првиот круг од претседателските избори беше процес во кој за првпат сме сведоци за една слаба излезност и апатија од страна на граѓаните, како во општина Велес, така и во цела држава, рече на прес-конференција Игор Здравковски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Велес.

Според него, малата излезност се должи на две работи кои се случуваат во последните години.

„Првата работа е немањето визија за иднината, немање никакви инвестиции, немање желба за подобар стандард на граѓаните и слух за нивните проблеми. Втората причина за мала излезност, според нас, е носењето на штетни одлуки и непочитувањето на волјата и одлуките на народот во последните 2-3 години“, истакна Здравковски.

Тој порача дека како партија се согласуваат со зборовите на лидерот на СДСМ, дека граѓаните и политичарите треба да носат тешки одлуки, но не се согласуваат со тоа дека одлуките треба да бидат штетни за граѓаните.

„Сите сме сведоци дека и покрај поразот на парламентарните избори, СДСМ благодарение на ‘чадорот’ и ‘криминалците од ДУИ’, како што ги нарекуваа тие, ги узурпираа институциите. И покрај волјата на народот на 30 септември, најдоа начин да не ја испочитуваат нивната одлука. И покрај волјата на народот во однос на договорите со Бугарија, Тиранската платформа и договорот од Преспа, тие останаа глуви на неговите барања. Повеќе никој не верува во правниот систем“, нагласи претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Велес.

Тој на граѓаните им порача дека можат да направат разлика, да казнат или наградат одлука на секој што бара поддршка од нив.

„ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Велес, ви честита за правилниот избор во првиот круг. Но, пред конечната одлука за тоа кој сакаме да ни биде претседател на нашата татковина Република Македонија, има уште две недели. Овие денови ќе има закани, притисоци, убедувања дека сè е решено. Ве молам да издржите, да издржиме сите заедно и да донесеме повторно уште поголема победа за Македонија“, истакна Здравковски додавајќи дека татковината заслужува достоинство и многу повеќе од она што ѝ се случува во овие моменти.