Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи утрешните избори со повеќе од 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, ќе бидат распоредени исто толку набљудувачи со што ќе се покријат 33 проценти од вкупниот број на гласачки места во Република Северна Македонија.
Од граѓанската иницијатива соопштија дека нивните набљудувачи се статични, и ќе ја следат постапката на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ ќе распореди и 100 мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат гласачките места на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Покрај утрешното гласање, МОСТ денес го набљудува и предвременото гласање на болните и немоќни лица, внатрешно раселените лица и лицата во затвор или притвор.
Жолтите маички со кратки ракави, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Monitoring 2019“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица, овластување и акредитација исклучиво за овие избори.
Во текот на изборниот ден, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
Проектот „Домашно набљудување на претседателските и локалните избори за градоначалник во Охрид, Ново Село и Дебар 2019“ е поддржан од: Британската амбасада Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Националниот фонд за Демократија (НЕД) како и од страна на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.