До овој момент гласањето тече без проблеми, оценија од Државната изборна комисија на прес-конференција информирајќи за гласањето на болните, затворениците, притворените и дијаспората кои денеска од 7 часот го остваруваат нивното гласачко право за претседателските избори и локалните кои се одржуваат во три општини.
Од ДИК велат дека за прв пат гласаат и гласачи во два старечки дома. Гласачките места се отворени и таму, а 71 гласач ќе имаат можност да гласаат. Новина е воведена и кај граѓаните со оштетен слух и говор, за кои на денот на изборите активен ќе биде телефонскиот број 076 488 360 на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на македонски знаковен јазик.
Во Избирачкиот список на овие избори се запишани вкупно 1.808.131 гласач.
„Веќе се отворени гласачките места во 32 наши дипломатско конзуларни претставништва во странство каде што 1.781 гласачи кои се пријавиле и чии пријави се прифатени од Државната изборна комисија имаат можност да го остварат своето гласачко право. Исклучок се само гласачките места во САД, кои ќе бидат отворени во 7 часот, согласно временската зона на ДКП“, изјави портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугуческа.
Таа истакна дека од гласањето во Европа, досега најголема е излезноста во Прага – 23,4 отсто, а најниска е во Истанбул – 3,57 проценти.
На гласачките места во 13 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 1.640 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе можат да го остварат и 7 гласачи кои се водат како внатрешно раселени.
Избирачките одбори ќе го спроведат и гласањето на лица кои се болни или немоќни, или во куќен притвор, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 3.539 граѓани кои се пријавиле како болни или немоќни, како и 12 граѓани кои се пријавиле за гласање, а се во куќен притвор.
Државната изборна комисија издала акредитации за набљудување на 3.150 домашни, 419 странски набљудувачи, 289 преведувачи и 20 странски новинари.
Од ДИК потсетија дека гласачите своите гласачки ливчиња треба да ги обележуваат со заокружување на редниот број пред кандидатот за кој што сакаат да гласаат, со хемиско пенкало во сина боја.
Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 444, на кој заинтересираните граѓани можат да се јават и да постават прашање или да остават коментар до Државната изборна комисија, заедно со своите податоци за контакт, на кои би добиле одговор на поставеното прашање.