11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Се воведуваат две нови вакцини – вакцина против рота-вирусот и пневмококна вакцина

Министерството за здравство годинава во Календарот за имунизација воведува две нови вакцини – вакцина против рота-вирусот и пневмококна вакцина, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, на настан со кој се одбележа Европската недела на имунизација, во Зоолошката градина во Скопје.

„Со вакцинацијата се подига колективниот имунитет, односно кога има висок степен на вакцинирани во општеството, минимален е ризикот болеста да се шири. Ова е важно, посебно за лицата кои поради различни здравствени причини не може да бидат вакцинирани. Колективниот имунитет овозможува тие што се заштитени преку вакцинација да ги заштитат ранливите групи кои имаат најголем процент на смртност при ширење на болеста. Со редовна вакцинација ги заштитуваме нашите деца, најблиски и пошироката заедница од тешки заразни заболувања. Високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет“, рече Филипче.

Со вакцината против рота-вирусот се заштитени најголем процент од децата кои ја примиле (9 од 10 деца). Вакцинацијата се спроведува со орална ротавирусна вакцина во три дози со ставање капки во устата на детето, на возраст од шест недели до 32 недели. Првата доза од вакцината треба да се даде пред детето да наполни 15 недели, додека сите три дози на вакцината треба да бидат примени пред да наполни осум месеци. Повеќето бебиња кои примиле ротавирусна вакцина немаат несакани ефекти од вакцината. Милиони бебиња од 94 земји во светот безбедно ја имаат примено оваа вакцина.

Со пневмококната вакцина се намалува можноста за пренос на вирусот. Третманот на пневмококни инфекции со антибиотици не е толку ефикасен, поради големата отпорност на бактеријата кон антибиотици, што ја прави вакцинацијата уште поважна превентивна мерка. Вакцинирањето е најдобриот начин детето да се заштити од пневмококна инфекција.

Пневмококната вакцина се дава интрамускулно. Се користи пневмококна вакцина, која штити од повеќе серотипови пневмокок, кои се поврзуваат со тешки инфекции кај децата. Детето може да прими од една до четири дози, во зависност од возраста на детето во моментот кога е почнато со вакцинација.

„Вакцините не само што ја штитат единката, туку ја штитат и заедницата со создавање колективен имунитет. Тие се исклучително квалитетни и проверени вакцини од европски производител. Опфатот на вакцинација мора да биде во просек околу 95 отсто за сите вакцини. Вакцинацијата е фундаментална за постигнување на целите за одржлив развој на здраво население“, велат од Министерството.

Спонзорирано: