Стево Пендаровски, кандидатот за претседател поддржан од граѓаните и од 30 политички партии, денеска ги посети и граѓаните на Лабуништа.
-Се радувам што ве гледам во толкав број и што гледам толку млади луѓе. Ми кажаа дека противкандидатите не дојдоа овде кај вас, во Лабуништа. Тоа е разликата. Мојот концепт е за заедништво, заеднички живот во европска и напредна земја. Мојот слоган е Заедно напред. Само така можеме да просперираме, а не еден по еден. Јас не правам разлика по верска и етничка припадност. Нашиот концепт Едно општество за сите нас затоа што сите сме исти и мора сите да ги уживаме правата кои ни припаѓаат“, рече Пендаровски.
Пендаровски рече дека опцијата што ја нуди опозицијата и кандидатката Сиљановска е опција за враќање назад кон изолација, поделби, неизвесност, запирање на започнатиот напредок на земјата и изрази уверување дека граѓаните го препознаваат тоа и ќе изберат напредок.
„Да бидеме сложни и да си помогнеме. Тргнавме напред. Ова е единствениот автопат кој не носи кон развиениот свет. Да не дозволиме да не вратат назад, да го закочат напредокот, да застанеме. Уверен сум дека во недела, на 21, ќе направите вистински избори и ќе изберете напредок, да продолжиме заедно напред“, порача Пендаровски.