19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

„Алкалоид“ ја прошири програмата за практикантство и со средните училишта

По успешната имплементација на програмите за практиканство со четири факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, „Алкалоид АД Скопје“ одлучи соработката од овој вид да ја прошири и со средните училишта. Во првиот циклус од програмата насловена „Серијална практична обука“, компанијата потпиша меморандуми за соработка со две средни училишта на територијата на град Скопје: средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ и средното хемиско училиште „Марија Кири – Склодовска“.

– Во насока на нашите заложби за корпоративна општествена одговорност, а поттикнати од успешните примери на практикантство со академските инстанци, каде добивме сериозни индикатори за тоа како активниот ангажман на младите, талентирани и амбициозни студенти може да се искористи во полн капацитет а при тоа да се има обостран бенефит, одлучивме да ги отвориме вратите и за практична соработка со средните стручни училишта поврзани со нашите бранши. Се надевам дека новите генерации на миленијали ќе ја искористат шансата за надградување на нивните знаења и стекнување на нови практични вештини рамки на реални процеси – изјави Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид АД Скопје“.

За целите на спроведување на проектот, кој е верифициран од Стопанската комора на Македонија, а поддржан и од управата на Град Скопје, денес во седиштето на „Алкалоид“ беа потпишани меморандумите за соработка помеѓу компанијата и образовните институции.

– Оваа програма за изведување практична настава отвора нова можност за учениците да стекнат практични вештини, знаења и искуства во оваа компанија. Верувам дека учениците ќе ја искористат оваа можност и стекнувајќи практично искуство, ќе ја зголемат својата атрактивност на пазарот на труд по завршувањето на образованието – изјави Блерим Небиу, директор на СУГС „Марија Кири – Склодовска“.

Според в.д. директорката на средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, Маја Салиу, потпишувањето на Меморандумот за соработка со „Алкалоид АД Скопје“ е резултат на зедничката визија за поттикнување на вработливоста на младите.

– Стратешка ориентација на нашето училиште е да се продуцираат стручни кадри кои ќе одговорат на потребите на пазарот на трудот преку стекнување вештини низ практична работа во реални услови. Сето ова е во насока на воспоставување систем на дуално образование во склоп на заложбите за одржлив економски раст и развој – истакна Салиу.

Поаѓајќи од фактот дека квалитетното и соодветно образование е темел на општествениот и економски развој на секој град и држава а во насока на унапредување на стандардите на образовните услуги во средните училишта и подигање на компетенциите на учениците раководителката на секторот за образование на Град Скопје, г-ѓа Даниела Адамова изјави:

– Наша цел е преку поддршката на позитивните пракси од европските модели на дуално образование, да креираме сопствени модели на соработка со бизнис заедницата кои ќе ги рефлектираат нашите специфични потреби за ефикасен и продуктивен образовен систем.

Првиот циклус од програмите за практиканство „Алкалоид АД Скопје“ и Универзитетот „Св. Кирил и Меториј“ почна во април 2018 година. Преку него, 11 од вкупно 17 ангажирани практиканти останаа да работат за Компанијата. Целта на новиот циклус на практиканство со средните училишта е да се поттикне развојот на младите стручни кадри преку нивен активен ангажман во автентични процеси. За својот практичен ангажман, средношколците ќе добијат симболичен паричен надомест од Компанијата, а првата група од околу петнаесетина практиканти се очекува да отпочне со практичната обука кон средината на месец јуни оваа година.

Спонзорирано: